Папата се сретна со ерусалимскиот голем муфтија и молеше во меморијалниот центар Јад Вашем

Во понеделник 26 мај 2014, на третиот ден од престојот во Светата Земја, папата Фрањо го започна со средба со ерусалимскиот голем муфтија Мухамед Хусеин во чија придружба беа високи исламски верски лица.

Во говорот Папата го истакна братскиот дијалог и соработката на христијаните и муслиманите кои „даваат нова сила за одговор на заедничките предизвици кој се пред нив.“ Исто така го истакна Авраам, ходочасник и праотец на Евреите, христијаните и муслиманите, кој на сите е татко на верата и пример кој треба да се наследува.

На крајот на говорот Папата упати повик до сите кои го признаваат Авраам како праотец: да се почитуваме и љубиме едни со други како браќа и сестри. Да научиме да ги разбираме страдањата на другиот. Никогаш да не го злоупотребуваме името Божјо за оправдување на насилството. Да работиме заеднички за правда и мир!

Истиот ден Папата Фрањо на својата посета на Светата Земја одаде почит и на жртвите на холокаустот. Во Меморијалниот центар Јад Вашем, Светиот Отец се допре до вечниот оган, положи венец жолто и бело цвеќе и молеше со наведната глава во тишина за жртвите. Ги бакна рацете на преживеаните од холокаустот и го слушна сведоштвото за злосторствата на нацистите во Втората Светска војна.

Говорот на Папата на италјански јазик беше медитација во облик на дијалог помеѓу Господ и Адам. Поглаварот на Католичката Црква ја истакна трагедијата на холокаустот и болката на Отецот за изгубените деца. „Никогаш повеќе, Господи, никогаш повеќе“, извика папата Фрањо, завршувајќи го говорот со зборовите: „Овде сме Господи, засрамени од она што човекот, создаден на твоја слика и прилика е способен да го направи. Сети се на нас во своето милосрдие.“

Пред Ѕидот на Плачот папата измоли Оче наш, стави во ѕидот хартија со рачно напишана молитва на шпански јазик. Потоа папата Фрањо положи венец на гробот на Теодор Херцл, зачетник на модерната изралекса држава, а беше придуружуван од изралескиот претседател Шимон Перес и премиерот Бенџамин Нетањаху. Папата Фрањо е првиот поглавар на Католичката црква кој го посетува гробот на Херцл, а тој чин наиде на голем оддек во израелските медиуми.

Папата непланирано, на своја иницијатива застана и пред споменикот на жртвите од тероризмот.

РВ/Д.И.

Категорија: Свет

За авторот