Папата се спомена на Бенедикт XVI благодарејќи му на Бога што го дарува на Црквата и светот
Со емоции се сеќаваме на неговата многу благородна, многу љубезна личност. Само Бог ја знае вредноста и силата на неговото застапништво, неговите жртви што ги принесе за доброто на Црквата. Со овие зборови папата Фрањо го спомна драгиот почесен Папа кој почина во сабота 31 декември 2022 година, за време на неговата проповед на Првата Вечерна на празникот Света Богородица, која се служеше во базиликата Свети Петар.
Во ватиканската базилика, во присуство на 8.000 верници, папата Фрањо ја предводеше Вечерната на празникот на Света Богородица, со завршната благодарствена химна ‘Те славиме Боже’, неколку часа по смртта на Бенедикт XVI, кого спомна во проповедта со емоции и благодарност кон Бога што го дарува на Црквата и светот, како и за сите направени добри дела, а пред се за неговото сведочење за верата и молитвата, посебно во последните години од неговиот повлечен живот.
Во центарот на размислувањето на папата Фрањо беше темата љубезност, но не само како христијанска доблест, туку и како граѓанска доблест што може да го направи светот побратски. Тој објасни дека љубезноста се однесува на добронамерно однесување кое ги поддржува и утешува другите, со цел да им го олесни товарот на другите. Истовремено, Светиот Отец поттикна да се обнови оваа доблест, бидејќи враќањето на љубезноста – како што рече – може многу да помогне за подобрување на животот во семејствата, заедниците и градовите. Затоа посака да растеме во таа доблест. Искуството нè учи дека ако таа доблест стане стил на животот, може да создаде здрав соживот, може да ги хуманизира општествените односи, растопувајќи ја агресијата и рамнодушноста.