Заупокоената света Литургија во базиликата Свети Петар ја предводеше кардиналот Џовани Батиста Ре.
„Човек Божји и од Црквата, кој беше обележан со длабока вера и голема стабилност во доктрината, која ја бранеше храбро и без двоумење, грижејќи се само да биде верен на Христа“, рече кардиналот Џовани Батиста Ре, во проповедта за време на погребот на Кардиналот Џорџ Пел. Во сабота, 14 јануари 2023 година, кардинал Џовани Батиста Ре ја предводеше заупокоената света во базиликата Свети Петар, а на крајот се придружи папата Фрањо и ги изврши последните проштални обреди (Commendatio и Valedictio).
Како што веќе објавивме, во Рим, во вторник, на 10 јануари, на 82-годишна возраст почина кардинал Џорџ Пел, почесен префект на Секретаријатот за економија, кој пред да ја преземе оваа служба во Римската курија, ја предводеше надбискупијата во Сиднеј, Австралија. Како член на Кардиналскот своет, тој беше еден од архитектите на реформите што ги спроведе папата Фрањо, посебно во негова надлежност беа економските реформи на Светиот Престол.
Тој беше лажно обвинет за сексуални злосторства врз малолетници, во 2019-2020 година кардиналот Пел помина 404 дена во затвор, од каде беше ослободен по ослободителната пресуда од Врховниот суд. Потсетувајќи се на ова искуство на покојникот, доживеано на крајот од годините, кардинал Ре истакна дека тоа е „искуство на големо страдање, доживеано со надеж во Божјиот суд, давајќи пример за прифаќање на незаслужена казна со достоинство и внатрешен мир“.
„Верата и молитвата беа голема поддршка и утеха за него за време на овие тажни настани“, рече кардиналот Џовани Батиста Ре, потсетувајќи како покојникот постојано изразувал колку многу го боли губењето на верата во западниот свет и моралната криза. „На добрата и изобилна Божја милост го доверуваме овој наш собрат, молејќи се Бог да го прими во Својот мир и во длабочината на Неговата љубов“, рече на крајот кардинал Ре.
Ватикан њуз/к.мк