Папата се моли за жртвите во Канада
Ватикан, 10.7.2013 /к.мк/ – Молитва до Бог „за да ги прими во својата светлина” загинатите и да им даде „утеха и помош” во „Голготата” на нивните блиски. Со овие зборови папата Фрањо изрази сочувство во телеграма упатена до Канадската епископска конференција, потпишана од Државниот секретар на Ватикан, кардинал Тарчизио Бертоне, по повод железничката несреќа во канадската држава Квебек.
Во ноќта помеѓу 5 и 6 јули крај населбата Лак – Магантик од шините излета воз со 72 вагони – цистерни полни со 120 тони сурова нафта. Огромниот пожар, поради експлозијата, уништи 40 згради и загинаа 13 лица, а околу 50 се уште се водат за исчезнати. Бројот на жртвите не е конечен. Ситуацијата е комплицирана од опасноста за природна катастрофа, поради истекот на 100 илјади литри сурова нафта во водите на реката Сен Лоран. (го*ко)