Папата пристигна во Рио: Го донесувам највредното – Исус Христос!
Рио де Жанеиро, 23.7.2013 /к.мк/ – По обиколката низ центарот на Рио де Жанеиро папата Фрањо во понеделник вечерта 22 јули, беше официјално примен од претседателката на Бразил Дилма Русеф. Низ улиците на Рио беше присутно огромно мноштво на луѓе кои често пристапуваа на коловозот и го стопираа автомобилот на папата Фрањо, при што обезбедувањето беше ставено на големи маки. Папата Фрањо од аеродромот до катедралата во Рио се возеше во сосема едноставна кола Фиат Идеа, а пред катедралата во Рио де Жанеиро се премести во отворен џип за да може да се гледа и да ги благословува луѓето присутни низ улиците на Рио. Потоа со хеликоптер Светиот Отец беше пренесен во палатата Гуанабра, седиштето на гувернерот на провинцијата Рио де Жанеиро.
Свечената церемонија за дочек на Светиот Отец започна со еден час задоцнување, а во својот поздравен говор во палатата Гуанабра, Папата се обрати до претседателката, владата, присутните дипломати, како и до браќата епископи од Бразил.
Да се има пристап до бразилскиот народ, како што знам, мора да се влезе низ вратите на неговото срце. Поради тоа ми е дозволено, нежно да чукам на таа врата. Молам да влезам и оваа седмица да ја поминам со вас. Немам злато, ниту пак сребро, но го донесувам највредното, кое што ми е дадено: Исус Христос! Доаѓам во Негово име за да го негувам пламенот на братската љубов, која гори во секое срце и сакам мојот поздрав да допре до секој: Мирот Христов нека биде со вас!
Но Неговата посета не се однесува само на Бразил – рече Папата, и покрај тоа што се радува, бидејќи Божјата провидност посака неговото прво Апостолско патување да биде во „саканата Латинска Америка“. Сепак, неговата посета ги надминува границите.
Дојдов за да се сретнам со младите од целиот свет, кои се привлечени од раширените раце на Христос Спасителот. Во неговите прегратки тие сакаат да бидат сосема близу до неговото срце, да најдат прибежиште и повторно да го слушнат неговиот јасен и силен повик: „Одете и направете ги сите народи мои ученици“ (сп. Матеј 28,19). Овие млади луѓе доаѓаат од различни континенти, зборуваат различни јазици, припаѓаат на различни култури и сепак во Христос го наоѓаат одговорот на нивниот најголем и заеднички стремеж, и можат да ја задоволат нивната глад со јасна вистина и со вистинска љубов, која е над сите разлики.
Нема посилна сила од таа која „тече низ срцата на младите“ – рече Папата. На овие млади Исус ја доверува иднината на неговото послание.
Излезете од границите на човечките можности и направете свет на браќа. Но и младите луѓе имаа доверба во Христос: немаат страв со него да го споделат животот кој го поседуваат, бидејќи знаат дека нема да бидат разочарани.
Младите се прозорец, преку кој влегува иднината на светот. Задачата на постарите генерации е на оваа надеж на младите да и се даде простор и да се создадат материјални и духовни предуслови: Образование и сигурност.
На крајот ве молам за пријателско внимателност и ако е возможно за неопходна емпатија за да се влезе во дијалог со пријателите. Во овој момент Папата ги раширува рацете, за да го прегрне целиот бразилски народ во неговата богата различност: човечка, културна и религиска. Од Амазонија до папмпите, од сушните региони до Пантанал, од малите села до големите метрополи, никој да не се чувствува исклучен од наклонетоста на Папата. Имам намера, ако е волја Божја, задутре, пред Богородица од Апарецида да ве спомнам во молитвата и да молам за нејзината мајчинска заштита за вашите домови и семејства. Уште сега сите ве благословувам. Ви благодарам многу за вашиот срдечен прием. (го*ко)