Папата: Украина и Сирија се обединети во болката, Црквата сее надеж

Папата: Украина и Сирија се обединети во болката, Црквата сее надеж

Во писмото упатено до учесниците на конференцијата „Црква, дом на љубовта – синодалност и координација“, која започна во вторник 15 март 2022 година во Дамаск, Папата потсети дека никој не ги заборава страдањата на Сирија и дека синодалноста поттикнува на љубов кон Црквата.

Писмото на папата Фрањо е проткаено со мислата за страдањата нанесени од војната во Украина. Пораката беше прочитана вчера на арапски јазик на отворањето на конференцијата „Црква, дом на љубовта – синодалност и координација“, организирана од Конгрегацијата за Источни цркви, а ќе трае до 17 март 2022 година.

Во овие денови на војна и неизмерно страдање за нашите браќа и сестри во Украина, пишува Папата, да ги прегрнеме во молитва и љубов, верувајќи дека може брзо да се постигне праведен и траен мир, за да може работата на здруженијата да помогнат на оваа сакана нација, како што тоа денес е случајот во Сирија.

Светиот Отец потсетува дека Сирија и денес е во конфликт и дека тоа создава болка, глад, смрт и континуирано бегство на населението. Сепак, Папата не ги намалува големите напори кои се вложуваат за да им се понуди надеж и перспектива за иднината на оние што остануваат. Затоа, Конференцијата, објаснува тој, е начин да се потврди грижата на Црквата за реалноста која се живее, но и да се нагласи синодалноста што свети Павле ја опишува како тело и неговите членови.

Меѓу удовите на телото постои слушање, споделување, љубов, меѓусебна поддршка и пред се совест за улогата што секој е повикан да ја одигра. Кога еден член страда, сите други му доаѓаат на помош, делејќи го неговото страдање и прават сѐ за да го олеснат, пишува Папата.

Сите ние сме членови на Телото Христово, а тоа е Црквата, продолжува папата Фрањо, и покрај разликите, останува истиот повик: да сведочиме за Господ преку навестувањето на Евангелието и делата на милосрдието, одејќи заедно во дух на заедништво и почитување на нашите разлики. Синодалноста црпи сила од Пресветата Троица, но се доживува и во секојдневните односи, во дијалог, континуираната дискусија за тоа што значи да се биде Црква во актуелниот контекст, во вреднувањето и слушањето на другите и на тој начин да се сфати дека сите сме браќа и сестри. Синодалноста води до љубов кон Црквата за да се сака ревно човештвото.

Папата Фрањо потоа нагласува дека милосрдието кое се живее синодално не остава простор за себични интереси – ниту на давателот, ниту на примателот, бидејќи е усогласена со Христос, кој се даде себеси за другите. Од ова произлегува личната благодарност на Светиот Отец кон оние кои биле, како што пишува, опиплив знак на милоста на Црквата, хранети со Евангелието. Се надевам, заклучува тој, дека вашите напори во овие денови ќе бидат можност за продлабочување и заживување на мисионерскиот дух на Црквата, отворање нови патишта за заедничко патување и усогласување на делата на милосрдие со љубовта кон сиромашните и маргинализираните.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот