Папата пристигна во Еквадор
Народот на Еквадор никогаш не треба да ја губи способноста да Му се заблагодари на Бог за она што го има направено и го прави за него. Ова го рече папата Фрањо при пристигнувањето во Еквадор, првата фаза од неговата латиноамериканска посета, која потоа ќе продолжи во Боливија и Парагвај.
На пристигнувањето на аеродромот во Кито, околу 15.00 часот по локално време или 22.00 часот по средноевропско, присуствуваа претседателот на Еквадор Рафаел Кореја, епископи од Президиумот на месната Црква, претставници на Владата и голема група на верници.
„Му благодарам на Бога што ми даде можност да ја посетам повторно Латинска Америка и бидам меѓу вас на убавата еквадорска почва – ова беа првите зборови на папата Фрањо во говорот по тринаесет часовниот лет. Чувствувам радост и благодарност за срдечниот пречек кој го потврдува гостопримливиот карактер, кој така добро ги отсликува луѓето од вашата благородна нација“.
Папата потсети на своите претходни пастирски посети на Еквадор: „Исто така и денес доаѓам како сведок на Божјото милосрдие и на верата во Исус Христос. Истата вера која го оформила низ историјата идентитетот на овој народ и му дала толку добри плодови“.
„Денес и ние можеме да го најдеме во Евангелието клучот за соочување со актуелните предизвици, почитувајќи ги разликите, охрабрувајќи го дијалогот и учеството на сите, без исклучок, за да може направените чекори кон прогресот и развојот да обезбедат подобра иднина за сите, со посебно внимание кон нашите најсиромашни браќа и ранливите малцинства“. „Кон сите нив Латинска Америка има еден заостанат долг“, додаде Папата надвор од официјалниот текст. „Затоа господине претседателе, можете да сметате секогаш на напорите и соработката на Црквата во служењето на Еквадорскиот народ, кој повторно се издигна со своето достоинство“.
Папата изјави дека ја започнува својата посета „со очекување и надеж“: “Во Еквадор на врвот Чимборасо се наоѓа највисоката точка во земјата (6268,2 m надморска височина) и се нарекува „најблиска локација до сонцето, до месечината и ѕвездите. Ние, христијаните го споредуваме Исус Христос со Сонцето, а месечината со Црквата. Месечината нема сопствена светлина. Без светлина станува темна. Светлината е Исус Христос: ако Црквата се оддалечи од Исус, не сјае повеќе, не може да сведочи. Никој не блеска со сопствената светлина, освен Исус. Во овие денови уште појасно да ја видиме близината на сонцето кое изгрева одозгора и да видиме дека ние сме одраз на неговата светлина и неговата љубов“.
„Сакам да ја прегрнам целата земја: од врвот Чимборасо до бреговите на Пацификот; од амазонската џунгла до островите Галапагос. Никогаш не ја трошете способноста да се заблагодарите на Бог за она што е направено и го прави за вас: способноста да го брани слабиот и едноставен човек, да се грижи за вашите деца и возрасни, да верува во младите, да се восхитува од благородноста на вашиот народ и посебната убавина на вашата земја, која според зборовите на вашиот претседател е Рајот! Пресветото Срце Исусово и Непорочното срце Мариино, на кои е посветен Еквадор, да ги излеат своите благодати и благослов!“.
РВ/В.Н.