Обраќајќи им се на претставниците на муслиманските заедници во Сенегал, папата Лав XIV ги повика религиите да работат заедно за мир и предупреди на опасноста од инструментализација на Бога за воена, економска или политичка корист.
„Заедно ја преземаме нашата заедничка одговорност: да го осудиме секој облик на дискриминација и прогон заснован на раса, религија или потекло; да ја отфрлиме секоја инструментализација на Божјото име за воена, економска или политичка корист; да го кренеме својот глас во корист на секое малцинство што страда.“
Папата Лав XIV ја даде оваа изјава за време на средбата со претставници на муслиманските заедници во Сенегал, заедно со претставници на Католичката црква во земјата.
Зачувајте го братството и мирниот соживот
Светиот Отец го започна својот говор нарекувајќи ја средбата значаен израз на пријателство и заедничка посветеност за промовирање инклузивно, мирно и братско општество.
Тој потсети дека Сенегал го воплотува духот на гостопримство и солидарност и претставува модел на мирен соживот меѓу христијаните, муслиманите и верниците од други традиции. Тоа е реалност, рече тој, што претставува основа за дијалог меѓу луѓе различни по својата верска припадност и етничко потекло.
„Ова богатство на братството треба внимателно да се чува“, рече тој, истакнувајќи дека тоа е „скапоцено добро не само за вашата нација, туку и за целото човештво“.
Закани за мирот во Африка
Папата Лав потоа се осврна на предизвиците со кои се соочува Африка.
„За жал“, рече тој, „вооружените конфликти продолжуваат на африканскиот континент, создавајќи сериозна хуманитарна криза и големи нееднаквости што секојдневно ставаат на испит цели народи, без да се заборави вознемирувачкиот пораст на насилниот екстремизам“.
На тоа, истакна Папата, се надоврзуваат „растечките приливи на мигранти и бегалци, говорот на омраза што го труе општественото ткиво, слабеењето на семејните врски и ерозијата на етичките и духовните упоришта, особено кај младите“.
Во овој контекст, рече тој, вредностите воплотени во духот на „теранга“ и меѓурелигискиот дијалог се „скапоцен инструмент“ за ублажување на тензиите и градење траен мир.
„Со поттикнување на меѓурелигискиот дијалог и со вклучување на верските водачи во иницијативи за посредување и помирување“, рече папата Лав, „политиката и дипломатијата можат да се потпрат на морални сили способни да ги смират тензиите, да спречат радикализација и да промовираат култура на почит и меѓусебно уважување“.
Потреба од дипломатија и верски дијалог засновани на вистина и мир
Денес, рече папата Лав, на светот му се потребни дипломатија и верски дијалог засновани на мир, правда и вистина.
„Заедно, ние, христијаните и муслиманите“, рече тој, „веруваме дека секое човечко суштество е обликувано од Божјите раце и затоа е облечено во достоинство што ниту еден закон и ниту една човечка власт немаат право да го одземат“.
Папата истакна дека, врз основа на братството и со верата и човечноста во своите корени, религиите треба заедно да ја отфрлат инструментализацијата на Божјото име, особено за воени, економски и политички придобивки; да го осудат прогонот и дискриминацијата; и да ги заштитат малцинствата што страдаат.
„Како што реков во Баменда, во Камерун“, потсети папата Лав, „тешко на оние што манипулираат со религијата и со самото Божјо име за сопствена воена, економска или политичка добивка, вовлекувајќи го она што е свето во темнина и нечистотија.“
Заедничка работа за доброто на човештвото
Светиот Отец ја изрази својата молитва Семоќниот Бог да ја обнови желбата за подобро меѓусебно разбирање, слушање и заеднички живот во почит и братство.
„Нека ви даде храброст да го следите патот на дијалогот, да одговарате на конфликтите со гестови на братство и да го отворите своето срце кон другите, без страв од разликите.“
На крајот, Светиот Отец се помоли нивната посветеност во корист на мирот, правдата и братството да донесе изобилни плодови и да води кон сè поголема соработка меѓу различните страни за доброто на човештвото.
Ватикан њуз/к.мк

