Папата Лав XIV ги прими во аудиенција во Кастел Гандолфо учесниците на екуменското православно-католичко ходочестие од Соединетите Американски Држави. Осврнувајќи се на 1700-годишнината од Првиот вселенски собор во Никеја, тој повика на молитва за единство: „Се надевам дека ќе се сретнеме повторно за неколку месеци“. Светиот Отец ги охрабри присутните да останат во надеж, бидејќи Господ ги слуша плачот и тагата на мајките кои ги оплакуваат своите чеда, и ги повика да го излеат елејот на утехата врз ранетото човештво на денешницата.
Во својата летна резиденција во Кастел Гандолфо, на 17 јули 2025 година, папата Лав XIV ги прими учесниците на православно-католичкото екуменско ходочестие од САД, кои ги посетија светите места на апостолите Петар и Павле во Рим, како и на апостолот Андреј во Цариград. Ова поклонение добива особена тежина во светлината на прославата на 1700-годишнината од Никејскиот собор. Се очекува и присуството на Папата на свеченото одбележување, за кое самиот изјави дека се надева на повторна средба за неколку месеци. Упатувајќи братски поздрав до Вселенскиот патријарх Вартоломеј, Светиот Отец истакна дека Символот на верата, усвоен од светите Отци на Никеја и дополнет на Вториот вселенски собор во Цариград во 381 година, останува заедничко духовно наследство на сите христијани.
Ниеден крик на невини жртви нема да остане нечуен
Воскресението Христово е извор на голема надеж – потсети Римскиот епископ, обраќајќи се и до митрополитот Елпидофор, чие име значи „носител на надеж“. Папата ги повика присутните да ја зацврстат таа надеж:
„Знаеме дека ниеден крик на невини жртви на насилство, ниеден плач на мајки што тагуваат за своите чеда нема да остане нечуен. Нашата надеж е во Бога, и бидејќи непрестајно црпиме од неисцрпниот извор на Неговата благодат, повикани сме да бидеме нејзини сведоци и преносители.“
Продолжете да се молите за дарот на единство
Петровиот наследник ги охрабри присутните да продолжат да се молат за единство и да не ги земаат здраво за готово знаците на заедништво и меѓусебно споделување, кои, иако сè уште не претставуваат потполно единство, сведочат за теолошкиот напредок и љубов во дијалогот што се развиваше во последните децении. Папата потсети на заедничката декларација на Свети Павле VI и патријархот Атенагора, потпишана на крајот од Вториот ватикански собор, со која беа укинати меѓусебните осуди и екскомуникации што произлегле од расколот во 1054 година. Тој чин беше пророчка најава за полно и видливо единство – истакна Папата – бидејќи ваков ходочестие, пред тој историски гест, веројатно не би било возможно. Светиот Отец ги повика верните постојано да ја повикуваат благодатта на Светиот Дух – Утешителот – за да можат да одат по патот на единство и братска љубов.
Да се излее елејот на утехата врз човештвото
„Рим, Цариград и сите други сестрински Цркви не се повикани да се натпреваруваат за примат“, предупреди Светиот Отец, „бидејќи постои опасност да се најдеме во положба на учениците кои, додека Исус им го навестуваше своето страдање, расправаа кој е најголем меѓу нив“. Папата потсети на 2033 година – 2000 години од Христовото откупително страдање, смрт и воскресение – и повика на духовно враќање во Ерусалим, градот на мирот. На крајот, тој ги охрабри поклониците со овие зборови:
„Враќањето на корените на нашата вера нека нè направи сите учесници во Божјиот дар на утеха, и нека ни овозможи, како Добриот Самарјанин, да го излееме елејот на утехата и виното на радоста врз денешното човештво.“
Ватикан њуз/к.мк