Мексико: Убиен уште еден свештеник

Мексико: Убиен уште еден свештеник

Црквата и понатаму повикува на помирување и простување.

Уште една трагедија го погоди Мексико. Убиен е отец Мигуел Герардо Флорес Хернандез, 49 годишен мисионер на Светото Семејство. Причината е непозната, а се сомнева на обид за кражба кој лошо завршил. Во меѓувреме епископите ја изразија својата загриженост, напоменувајќи дека „секој човек сега е свесен дека е изложен на насилство, плачкање, закана и уцена.“

Во сабота на 25 август телото на мисионерот е пронајдено на напуштено подрачје во градот Нуева Италија. Свештеникот исчезнал на 18 август, а неколку дена подоцна до властите е поднесена официјална пријава – извести католичката агенција ФИДЕС. Убиството веројатно се случило заради кражба на неговото возило – изјави епископот Херкулано Медина Гарфиас и додава – Убиството не би требало да биде поврзано со организиран криминал, но истрагата е во тек.

Повикувајќи ги верниците и свештениците да бидат претпазливи, епископот Гарфиас рече дека во таквите моменти секој човек е свесен дека е изложен на насилство, но Црквата и понатаму повикува на помирување и простување. Надбискупијата Морелија пак во своето соопштение кое го пренесе агенцијата ФИДЕС изразува сочувство на семејството на свештеникот и на целата заедница на Мисионери на Светото Семејство повикувајќи на молитва за тешката ситуација од насилството во земјата и за застапувањето на Пресвета Богородица за да го наследуваме нејзиниот Син кој повикува на мир.

Отец Мигуел Герардо Флоред Хернандез е роден во Сомбререте и член на заедницата Мисионери на Светото Семејство. За свештеник е ракоположен во 2007 година и служи како парохиски викар во парохијата Света Катерина Алесандрија во Јукатакат. Исто така работел во центарот Назарет кој се занимава со брачни парови, напуштени деца и млади. Луѓето многу го сакале заради неговата неуморна работа за другите.

Случајот на отец Флорес Хернандес не е единствен. Насилството над свештениците се шири во Мексико. Пред неколку месеци после светата Литургија во парохијата Свети Пио од Пиетрелчина во Тлакомулко убиен е свештеникот Хуан Мигуел Контрерас Гарсија. Мултимедијалниот мексикански католички центар извести дека во Мексико се убиени 23 свештеници во текот на шестгодишниот претседателски мандат на Енрике Пења Нита. Освен свештениците најзагрозени се новинарите и активистите за човековите права. Со оглед на тешката ситуација, Црквата бара да се отстрани не само оружјето, туку и омразата и осветата и сите чувства кои уништуваат, и апелира до властите за да се разјасни што се случува.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот