На Генералната аудиенција која се одржа на 2 мај 2018 година, на плоштадот Свети Петар во Ватикан, папата Фрањо продолжи да размислува за Крштението, фокусирајќи се на централните обреди на таа света Тајна.
Пред сѐ да ја погледнеме водата на која се повикува силата на Светиот Дух за да има сила која повторно раѓа и обновува – рече Папата и продолжи: Водата е носителка на животот и благосостојбата, нејзин недостаток предизвикува гасење на плодноста како што тоа се случува во пустината; водата меѓутоа може да биде исто така причина за смрт кога се потпува во нејзините бранови или кога во големи количните преплавува сѐ; конечно водата има способност за миење, чистење и прочистување.
Поаѓајќи од тие природни знаци кои се општо признати, Библијата ги опишува Божјите зафати и ветувањата преку знаците на водата – потсети Светиот Отец и објасни: Меѓутоа власта за простувањето на гревовите не е во самата вода, затоа свети Амбврозиј им толкувал на новокрстениете: Дали си видел вода, но не оздравува секоја вода: оздравува водата која ја има Христовата благодат. Со водата се делува, но Светиот Дух е делотворен.
Затоа Црквата го повикува над водата делувањето на Светиот Дух за оние кои со неа ќе бидат крстени да можат да бидат закопани со Христос во смртта и со Него да воскреснат за бесмртен живот – рече папата Фрањо и истакна: Молитвата за благословувањето на водата вели дека Бог ја подготвил водата „да биде знак на Крштението“ и потсетува на библиското навестување: Духот Божји лебдеше над водите за да им даде ркулец на живот; водата при потопот го означувала крајот на гревот и почетокот на нов живот; преку водата на Црвеното море синовите на Авраам биле ослободени од египетското ропство.
Во Крштението се потсетува на Исусовото крштение на Јордан, на крвта и водата кои потекле од неговите ребра, на посланието на неговите ученици да ги крштаваат сите народи во името на Пресветата Троица – рече Папата и додаде: Зацврстени со тие сеќавање, се моли Бог на крштелната вода да ја излие благодатта на Христос умрен и воскреснат. Така таа вода се претвора во вода која во себе ја носи силата на Светиот Дух и со неа ги крштаваме сите луѓе.
Кога е благословена водата за Крштението, за да пристапиме на Крштението мораме да го расположиме срцето – рече Светиот Отец и потсети: Тоа се случува со откажувањето од сатаната и со исповедувањето на верата, а тие две дејствија се тесно поврзани едно со друго. Во таа мерка во која велиме „не“ на ѓаволските понуди, а ѓаволот е тој кој разделува, можеме да кажеме „да“ на Бог кој нѐ повикува да се сообразиме со него во мислите и делата. Ѓаволот разделува, а Бог секогаш ја соединува заедницата и луѓето во еден народ. Не е можно да се присоединиме со Исус, поставувајќи услови – предупреди Папата.
Потребно е да прекинеме одредени врски за да можеме реално да прифатиме други – нагласи папата Фрањо и рече: За оние за кои не се знае добро какви се одвнатре, кои секогаш добро се снаоѓаат, но не биле јасни, можеме сликовито да кажеме: „Биле добри и со Бог и со ѓаволот.“ Тоа е вистина и тоа не може да биде добро: или сте добри со Бог или со ѓаволот. Затоа откажувањето и чинот на верата одат заедно. Потребно е да се рушат одредени мостови, да им се сврти грб за да можеме да тргнеме по новиот пат кој е Христос.
Одговорот на прашањето: „Се откажувате ли од ѓаволот, од сите негови дела и од заводливоста?“ се кажува во прво лице еднина: „Се откажувам!“ Се откажувам без изговарањето на своето име, но се откажувам јас – рече Папата и продолжи: На истиот начин се исповеда верата на Црквата говорејќи: „Верувам.“ Се откажувам и верувам. Тоа е темелот на крштението. Тоа е одговорен избор кој бара да се претвори во конкретни гестови на доверба во Бог. Чинот на верата претпоставува обврска дека со помош на тоа крштение ќе издржиме упорно во различните ситуации и искушенија во животот.
Кога влегувамеи во црквата ја натопуваме раката во светата вода, ја допираме благословената вода и го правиме знакот на крстот, да мислиме радосно и благодарано на Крштение кое сме го примиле, нека таа вода нѐ потсетува на Крштението и притоа да го обновиме својот „Амин!“ потврдувајќи дека сме среќни што живееме потопени во љубовта на Пресветата Троица – заврши Светиот Отец.
По денешната катехеза, поздравувајќи ги сите присутни верници и потсетувајќи на денешниот спомен на свети Атанас епископ и црковен научител, Папата посака посебно на младите, старите, болните и младенците неговата светост заедно со здравата наука да им биде поддршка во верата и сила за христијанско сведоштво, и уште еднаш повика на молитва за мир во светот, а посебно на Блискиот Исток и Сирија.
РВ/к.мк