Папата не го менува начинот на однесување меѓу верниците

Опасност постои и тоа е она што го дознавам од разговорите кои ги водам со нашите италијански колеги и со странците, открива Доменико Џани, началник на Ватиканската гарда во интервјуто за весникот „Полиција модерна“.

Степенот на претпазливост постојано е висок и одреден според условите. Овде не станува збор за закани од страна на таканаречената Исламска држава, туку постои и ризик од самостојни и поединечни акции, кои поради својата непредвидливост се уште поопасни. Пред сѐ мислам на фанатиците, на ментално пореметените, на лажливците или едноставно кажано на лицата кои на таков начин на делување би се одлучиле само поради медиумската популарност, што би можела да се предизвика.

Коментирајќи го однесувањето на папата Фрањо, кога станува збор за таквите закани и опасности, началникот на Ватиканската гарда рече дека Светиот Отец е потполно свесен за опасните ситуации кои му се закануваат, но тој е повеќе загрижен за верниците. Тој не размислува за тоа да го напушти својот вообичаен начин на однесување кон верниците, кој се заснова на блискост и директно среќавање со што поголем број верници. Сеуште во него е оној свештеник кој не сака да го изгуби контактот со своето стадо. Затоа, на нас кои сме во обезбедувањето, ни останува да се прилагодиме на него, а не обратно. Мораме да направиме сѐ за тој да продолжи да ја извршува својата служба онака како што сака и верува.

Господин Џани во своето интервју истакна и дека Ватиканската служба за безбедност соработува и со службите на исламските држави, од каде, како што и сам признава, освен скапоцени информации, добиваат и пораки на подршка и воодушевување кон Светиот Отец. Можам да кажам дека во исламскиот свет на Светиот Отец денес гледаат како на највлијателен морален авторитет во светот и дека таквото гледиште го делат како верските така и граѓанските власти, заврши Доменико Џани.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот