Папата: Нагласувањето на индивидуалната слобода може да нè направи помалку слободни да бидеме свои

Папата: Нагласувањето на индивидуалната слобода може да нè направи помалку слободни да бидеме свои

Папата Лав XIV им рече на епископите поврзани со Движењето Фоколари дека современото нагласување на индивидуалната слобода, всушност, може да нè направи помалку слободни да бидеме она што навистина сме и да ги следиме нашите највозвишени идеали.

Папата Лав XIV во среда се сретна со епископи поврзани со Движењето Фоколари, формално познато како Делото на Марија, основано во Италија во 1943 година од Кјара Лубих.

Во своето обраќање, Папата рече дека средбата на епископите ја изразува нивната колегијална љубов како пријатели на Движењето Фоколари, истакнувајќи дека тие доаѓаат од различни земји и општествени околности.

Папата Лав XIV ја пофали нивната насоченост на темата „Да се сведочи единството“, нагласувајќи дека темата за единството му е особено блиска на срцето.

„Во време кое, за жал, е обележано со сè поголема поларизација“, рече тој, „нашиот Господ ѝ овозможи на Кјара Лубих да сведочи и за чувството и за службата на единството, станувајќи знак за својата и за идните генерации“.

Црквата продолжува да ја носи оваа задача, додаде Папата, потсетувајќи на „предрасудите, расизмот, верската нетолеранција, па дури и насилството“ со кои епископите се соочуваат во своите земји.

На Запад, забележа тој, некогаш стабилните мрежи на семејство, пријателство и заедница сè повеќе се распаѓаат и подлегнуваат на фрагментација.

Како што општествата стануваат сè повеќе обележани од индивидуализам, слободата сè почесто се претставува како „апсолутна автономија“, така што луѓето се стремат кон среќа „без никакви морални, природни, па дури и човечки ограничувања“.

„Сепак, забележуваме еден парадокс“, рече папата Лав XIV. „И покрај сето нагласување на индивидуалната слобода, луѓето денес честопати се чувствуваат помалку слободни да бидат она што навистина се или да ги следат своите највозвишени идеали, поради скриен страв дека ќе бидат осудени или дека нема да се вклопат.“

Ова губење на отвореноста кон другите го засилува чувството на неединство и, всушност, ни ја одзема радоста, која, според Папата, можеме да ја најдеме само во заедништво со Троичниот Бог.

„Откривајќи го срцето на Отецот, Христос ни ја покажува најдлабоката смисла на нашето постоење, на нашите односи и на патот кон среќата“, рече тој. „Преку дарот на Духот станавме Божји деца, учесници во божествениот живот.“

Прифаќајќи го нашето заедништво како Божји деца во Христос, ние учествуваме во таинството на заедништвото на Црквата и стануваме знак, квасец и средство на единство во светот.

На крајот, папата Лав XIV ги повика епископите поврзани со Движењето Фоколари да сведочат за „ова долгоочекувано единство на човечкото семејство“.

„Одговорот на тажните поделби што го мачат нашиот свет“, рече тој, „не се наоѓа во формирање уште повеќе комисии или во започнување уште повеќе проекти, туку во враќањето кон изворот на нашето единство во Пресвета Троица“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот