Папата до научниците: Науката треба да биде во служба на човештвото

Папата до научниците: Науката треба да биде во служба на човештвото

Примајќи ја во аудиенцијата делегацијата на друштвото „Макс Планк“, Папата постави етички прашања за „хибридното размислување“: „Во втората модерност се прошири принципот на „техничка“ одговорност, кој не дозволува морален суд за тоа што е добро, а што е лошо. Делувањето, посебно на големите организации, би се вреднувале само функционално, по принципот сѐ што е можно затоа е етички дозволено. Црквата никогаш нема да може да прифати такво гледиште“

Ново предупредување упатено до поддржувачите на „хибридното размислување“, комбинација на биолошко и вештачко, што значително би го променило видот homo sapiens, но и до поддржувачите на втората модерност, според чие мислење сè што е технички возможно, од тоа причина етички е дозволено. Тоа е повик, до луѓето од науката, на одговорност во грижата за другите, а не само за тоа како да одговориме за направеното затоа што освен за она што го правиме, ние сме одговорни, а најмногу за она што не го направивме, а можевме да го направиме. Ова го истакна папата Фрањо во својот говор упатен до претставниците на Друштвото за унапредување на науката Макс Планк, кои ги прими во аудиенција во четврток 23 февруари 2023 година заедно со нивниот претседател Мартин Стратман. Поради настинката, Папата им го предаде подготвениот говор.

Чистата наука е јавно добро

Папата Фрањо најпрво ја искажа почитта на Светиот Престол за научните истражувања, а посебно за Друштвото во кое – како што напиша – илјадници луѓе, во бројни институти, работат во служба на сè потемелно и попрецизно познавање на различни области на знаењето. Истовремено, тој ги охрабри членовите на општеството да ги зачуваат највисоките стандарди на научен интегритет, за да биде науката слободна од несоодветни влијанија, како од политичка, така и од економска природа. Тој, дополнително, истакна дека денес е важно да се зачува, но и да се зголеми поддршката за чистата наука.

Имено, ништо не одземајќи од применетата наука, чистата наука треба да ја препознае природата на општото добро; резултатите треба да се стават во служба на општото добро. Вашата институција секако може да направи многу во овој поглед.

„Хибридното размислување“ и опасноста за homo sapiens

Светиот Отец се осврна и за најавата на претстојното раѓање на таканареченото „хибридно размислување“, кое произлегува од хибридизацијата на биолошката и небиолошката мисла, што би овозможило човекот да не биде истиснат од вештачката интелигенција. Ова покренува многу важни прашања и на етичко и на општествено ниво.

Имено, треба да се земе предвид дека комбинацијата помеѓу когнитивните способности на човекот и компјутерската моќ на машините би го променила видот homo sapiens. Затоа, не можеме, а да не се запрашаме за проблемот на крајната смисла, или насока на она што се случува пред нашите очи.

Важноста на етиката

Ако тоа не предизвикува загриженост кај оние кои се препознаваат во „трансхуманистичкиот проект“, истото не важи и за оние кои, напротив, се посветуваат за да го унапредат неохуманистичкиот проект, според кој не може да се прифати јазот помеѓу делувањето и интелигенцијата.

Ако способноста за решавање проблеми се одвои од потребата притоа и да се биде интелигентен, се поништува намерноста, а со тоа и етиката на дејствување. Сигурен сум дека Здружението Макс Планк ќе сака да даде значаен придонес во оваа смисла.

Не е етички дозволено сѐ што е можно

На крајот, папата Фрањо со загриженост гледа на периодот на „втората модерност“, во која на полињата на големата наука се шири принципот на „техничка“ одговорност, кој не дозволува морално расудување за тоа што е добро или лошо. Дејствата, особено на големите организации – забележува Папата – би се вреднувале само во функционална смисла, сѐ што е можно, токму поради тоа, е етички и дозволено.

Црквата никогаш нема да може да прифати такво гледиште, за чии трагични последици веќе имавме премногу докази. Она што денес треба да го вратиме во центарот на нашата култура е пред сѐ одговорност во грижата за другите, а не само како да одговараме за направеното. Зашто, освен за направеното, ние сме одговорни и пред сѐ за она што не сме го направилеа, а сме можеле да го направиме.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот