Папата на светата Литургија за отворање на Конзисториумот порача дека војната никогаш не е благословена од Бога
Папата Лав XIV ја предводеше светта Литургија со која започна Вонредниот конзисториум и ги повика кардиналите да размислуваат за вистинската слобода на верата и за дарот на мирот, нагласувајќи дека „војната никогаш не е достојна за човештвото и никогаш не е благословена од Бога“.
Вонредниот конзисториум, свикан од папата Лав XIV, започна во петок, на 26 јуни 2026 година, со евхаристиско славење во базиликата „Свети Петар“.
Кардиналите се собраа во Ватикан на 26 и 27 јуни, за да размислуваат за прашања што се однесуваат на Црквата и на современиот свет. Средбата беше отворена со света Литургија во базиликата „Свети Петар“, со која работата на Конзисториумот беше доверена на Бога. Конзисториумот ќе заврши на празникот светите апостоли Петар и Павле.
Во својата проповед, Папата ги потсети кардиналите дека животворниот извор на Конзисториумот е Самиот Христос, како што е објавено во Евангелието
„Јас сум вистинската лоза“ (Иван 15,1).
Тој објасни дека самото Евангелие ја подготвува почвата за да донесе плод
„Останете во Мене, и Јас во вас“ (Иван 15,4).
Потоа се осврна на три насоки за расудување во текот на овие денови: учество во вистинската слобода на верата, барање на дарот на мирот во единство и прифаќање на хармонијата преку послушност.
„Додека од Бога бараме сила и мудрост, значајно е што нашиот Конзисториум се одржува во пресрет на празникот на светите апостоли Петар и Павле. Затоа, да застанеме и да се сетиме на овие два столба на Католичката црква, на двајцата мисионери и маченици, чие проповедање стана едно со нивниот живот, до тој степен што стана дел од Светото Писмо“, рече папата Лав.
Вистинската слобода на верата
Папата најнапред ги повика кардиналите да дозволат да бидат водени од примерот на светите Петар и Павле, кои ги охрабруваат верниците да учествуваат во вистинската слобода на верата.
Тој објасни дека токму нашиот однос со Господ Исус нè ослободува од гревот и стравот. Христос нè повикува да Го следиме и нè испраќа во светот како наследници на апостолите.
„Верата е таа доблест што никогаш не треба да се зема здраво за готово. Таа ѝ дава живот на Црквата, бидејќи е благодат што ги храни гранките на едната лоза. Живата Црква е Црква што верува преку дарот на Светиот Дух, излеан во нашите срца. И таа Црква носи многу плод“, рече Папата.
Дарот на мирот во единство
Потоа, папата Лав ги повика кардиналите да го бараат дарот на мирот во единство.
Осврнувајќи се на многуте конфликти што го погодуваат човештвото, тој нагласи дека „војната никогаш не е достојна за човештвото и никогаш не е благословена од Бога, бидејќи, иако располагаме со високотехнолошко оружје, Создателот ни дал разум и слободна волја за да ги решаваме конфликтите како луѓе, а не како ѕверови“.
Папата додаде дека мирот е должност на правдата, бидејќи сме едно човечко семејство, magnifica humanitas, кое во Христос ја наоѓа својата глава и својот Откупител.
Осврнувајќи се на патот означен во својата прва енциклика и потсетувајќи на учењето на свети Павле VI, Папата поттикна истрајност во градењето на цивилизацијата на љубовта, во која правдата и милосрдието се неразделно поврзани.
„Навестувајќи го Евангелието, и среде радости и среде прогонства, Црквата никогаш не е пристрасна, бидејќи таа е за сите и на секого му ја упатува истата порака на преобраќање и спасение“, рече Папата.
Хармонија преку послушност
На крајот, папата Лав ги повика кардиналите да ја прифатат хармонијата преку послушност, опишувајќи ја како слушање што го препознава дарот на Словото, Кое за нас стана тело.
Преку таквото внимателно слушање, рече тој, Светиот Дух нè води, ни ги покажува пастирските предизвици и можности, ги очистува нашите намери и го поправа сè она што се оддалечува од нашиот заеднички пат.
Папата особено го истакна продолжувањето на спроведувањето на Синодата, која ги повикува сите да одат напред во единството на верата, во промовирањето на мирот и во послушноста кон Исус, живото Слово.
На крајот, Папата нагласи дека заедничката работа на колегијален начин ја воплотува синодалноста во која сите крстени учествуваат во единството на Божјиот народ.
„Синодалноста и колегијалноста се облици на христијанско братство, кое нè поврзува како крстени и како епископи“, рече Папата.
Ватикан њуз/кмк

