Папата на празникот на Пресветата Евхаристија: Наследување, заедништво, делење

Ватикан, 31.5.2013 /к.мк/ – Преку Евхаристијата Господ не поканува да одиме по патот на служење, споделување, дарување, тоа што го имаме е малку, но ако се подели се претвора во богатство, бидејќи силата на Бог – љубовта – слегува над нашата сиромаштија, за да ја преобрази. Ова го рече папата Фрањо на Литургијата на празникот Тело и Крв Христови, која ја служеше во четвртокот 31 мај вечерта во катедралата Свети Иван Латерански на која учествуваа повеќе од 20.000 верници. На крајот на Литургијата, Папата ја предводеше свечената процесија која водеше по римските улици и заврши во базиликата Света Марија Велика (Santa Maria Maggiore), каде го подели својот апостолски благослов.

„Наследување, заедништво, делење“ тоа се трите работи на кои папата Фрањо стави акцент во својата проповед, во која говореше за Евангелието од Лука и чудното умножење на лебот и рибите (Лука 9,11-17). Посебно го нагласи присуството на народот на кого Исус му дава храна, а народот го „Го следи и го слуша, бидејќи Исус зборува и дејствува на нов начин“ – со авторитет кој има власт, кој зборува и делува во вистината, кој дава надеж, која доаѓа од Бог, кој го објавува лицето Божјо, кој е Љубов. Вечерва „ние сме народот од Евангелието кој го следи Исус за да го слуша и да биде со Него во заедништво преку Евхаристијата, за да Го придружува и да биде придружуван“, рече Папата.

Да се запрашаме: „Како јас го следам Исус?“ Тој ни зборува, обвиткан во тишината на Тајната на Евхаристијата, и секој пат не потсетува да го следиме, а тоа значи да излеземе од себе и нашиот живот да не го правиме наша сопственост, туку да го даруваме на Него и ближните, истакна папата Фрањо.

Исус им вели на Апостолите да го нахранат мноштвото народ што го следи, што се наоѓа на отворено и е далеку од околните населени места, продолжи Папата. Но решението за апостолите беше народот да оди по околните села и да си најде храна, односно, секој да мисли за себе. Оттука и повикот на Папата Бергољо:

„Колку пати ние христијаните сме искушувани од ова одлука! Не размислуваме за потребите на другите, пренасочувајќи ги кон Бог:„Бог нека ти е на помош.“

Предлогот на Исус до апостолите, тие да им дадат храна уште повеќе ги изненадува, рече Папата: „вели да им дадат да јадат, иако имаат само пет лебови и две риби. И така станало: ги зеде петте лебови, ги крена очите кон небото, ги благослови, ги прекрши и им ги даде на учениците да ги стават пред народот. За Папата Бергољо ова е момент на „длабоко заедништво.”

„Вечерва и ние сме околу Господовата трпеза, трпезата на Евхаристиската жртва на која Тој уште еднаш ни го дава своето Тело и ја обновува жртвата на крстот. Со слушањето на Неговото Слово, прифаќањето на Неговото Тело и Крв ние се претвораме во заедница, од анонимност кон заедништво. Евхаристијата е Таинството, кое ни помага да излеземе од индивидуализмот, за да го следиме Исус во заедништво на верата.

Но тогаш мора да се прашаме: „Како ја живееме Евхаристијата?“, продолжи Папата. „Во анонимност или како момент на заедништво со Господ и со сите браќа и сестри кои ја делат истата трпеза? Кои се наши „евхаристиски славења?“.

На крајот, папата Фрањо го потенцира третиот елемент – делењето. Тој посочи на кој начин се доаѓа до умножење на лебовите. Апостолите го поделија и она малку што го имаа. Токму оние малку лебови и риби што ги имаа, преку рацете на Господ наситија цело мноштво. Исус им вели на Апостолите: „дајте им вие да јадат“, рече Папата, нагласувајќи го зборот „дајте“: „Тоа ни кажува дека во Црквата, но и во општеството, има еден клучен збор од кој не треба да се плашиме: „солидарност“, односно да му го дадеме на Господ она што го имаме, нашите скромни можности, бидејќи во делењето и дарувањето нашиот живот ќе биде плоден. Солидарност – непријатен збор за секуларниот дух”. Вечерва, Господ уште еднаш ни го дава лебот, кој е Неговото Тело – заврши Папата. И ние ја чувствуваме „солидарноста“ на Бог кон човекот; неисцрпна солидарност, која постојано не изненадува: Бог се приближува до нас, се понижува преку жртвата на крстот и влегува во темнината на смртта, за да ни го даде својот живот, кој го победува злото, егоизмот и смртта”.

Наследување, заедништво, делење. Да молиме учеството во Евхаристијата да нé предизивка за да го наследуваме секојдневно Господ, да бидеме инструмент на заедништво и со нашите ближни да делиме она што го имаме. Така нашето постоење ќе биди вистински плодоносно. Амин. (Д.И.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<