Во денешните читања ни се претставени две новости: во првото читање Светиот Дух од учениците прави нов народ, а во Евангелието во учениците се создава ново срце – истакна папата Фрањо на светата Литургија на 4 јуни на плошадот Свети Петар по повод празникот Педесетница.
Светиот Дух од апостолите прави нов Божји народ кој е Црквата – рече Папата. На секој од нив му дава дар и сите ги собира во единство во кое различноста е сочувана, а притоа не е загубено единството.
Единството и различноста не се само едно покрај друго, туку се следат едно со друго – рече Светиот Отец. Духот најпрво генијално и неочекувано ја создава различноста: во секоја доба дозволува да цветаат нови и различни харизми. Но, тој ист Дух создава и единство: поврзува, собира, повторно воспоставува хармонија. Тоа единство не е едноличност, туку е „единство во различноста“ – нагласи папата Фрањо.
Светиот Отец предупреди на две крајности или искушенија. Првата крајност е различност без единство, односно кога се сметаме за припадници на некоја партија или струја, а не браќа и сестри во Светиот Дух. Другата крајност е да се стремиш за единство без различноста, кое станува едноличност, униформност, а тоа за последица има повеќе да нема слобода.
Со слегувањето на Светиот Дух ново станува и срцето, за што зборува денешното Евангелие – рече Папата. Тоа првенствено има врска со простувањето. Духот е првиот дар на Воскреснатиот и го дава на учениците за да простуваат гревови. Тоа е почетокот на Црквата, врзивото кое нѐ држи заедно – е просувањето. Тоа допушта нов почеток, дава надеж и овозможува градење на Црквата.
Светиот Отец исто така предупреди на можни застранувања и искушението: избрзани патишта за оној кој осудува, безизлезни патеки за оној кој ја затвора секоја врата, еднонасочни улици за оној кој ги критикува другите. Но, Светиот Дух нѐ поттикнува да одиме по патот на Божјото милосрдие, двонасочен пат на примено и дарувано простување, по патот на љубовта која е единственото мерило дали сакаме да делуваме или не, дали сакаме да менуваме или сочуваме – рече Папата.
Затоа да молиме за Божјата милост да го разубавуваме лицето на Мајката Црква, така што ќе се обновуваме и поправаме благодарение на простувањето. Само тогаш ќе можеме да го укоруваме другиот во љубовта – рече на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк