Тајната на единството е во дарувањето на себе – рече папата Фрањо на празникот Духовден во недела 31 мај 2020 година за време на светата Литургија
„Даровите се различни, а Духот е ист. Различни се службите, а Господ е ист; и различни се делувањата, а Бог е ист“ – го цитираше Папата свети Павле и истакна: Свети Павле намерно заедно ги става двата збора, различни – исти, кои изгледаат дека се спротивни. Сака да каже дека Светиот Дух е оној истиот кој ги поврзува различностите, па така настанала и Црквата. Светиот Дух ги обединил различностите.
На почетокот на Црквата, апостолите биле едноставни луѓе, работници, рибари. Тука е и Матеј кој бил образуван цариник – рече Светиот Отец и додаде: Различни им се позадините и општествениот контекст, еврејски и грчки имиња, благи и лути карактери, различни погледи и чувствителност. Но Исус не ги променил, ниту пак ги направил да бидат еднообразни сериски модели. Ги оставил да бидат различни и сега ги обединува помазувајќи ги со Светиот Дух. Единството доаѓа преку помазанието. Апостолите на Педесетница ја сфатиле обединувачката сила на Светиот Дух. Со свои очи гледаат, кога сите, и покрај тоа што зборуваат на различни јазици, сочинуваат еден народ, Божји народ кој го обликува Светиот Дух, кој го прелеа единството во нашите различности и кој дава хармонија, затоа што самиот е хармонија.
Меѓу нас, во Црквата, постои различност во мислењата, изборот или чувствата – рече папата Фрањо и предупреди: Постојано сме во искушенија со меч да ги браниме сопствените идеи, верувајќи дека се добри за сите, согласувајќи се само со оние кои размислуваат како и ние. Но тоа е вера според нашата замисла, не е она што го посакува Светиот Дух. Би можеле да мислиме дека нè обединуваат исти работи во кои веруваме и исто однесување кои ги практикуваме. Но почеток на нашето единство е Светиот Дух. Тој пред сè нè потсетува дека сме возљубени деца Божји. Светиот Дух доаѓа кај нас и покрај сите наши различности и беди, како би ни кажал дека имаме еден Господ, Исус и неговиот Отец, и дека заради тоа сме браќа и сестри!
Од тука да појдеме, да ја гледаме Црквата која ја први Светиот Дух, а не како светот – поттикна Папата и напомена: Светот нè гледа како леви или десни. Духот не гледа дека припаѓаме на Отецот и на Исус. Светот гледа конзервативни и напредни, Духот гледа деца Божји. Световниот поглед гледа структури кои би требало да бидат ефикасни; духовниот поглед гледа браќа и сестри кои просат милосрдие. Духот нè љуби и го познаваме местото на секој во целина, за него не сме шарени хартии кои ги разнесува ветерот, туку незаменливо парче во неговиот мозаик.
Прво дело на Црквата е навестувањето – рече Светиот Отец и додаде: Апостолите не подготвуваат стратегија и немаат пасторален план. Можеле да ги поделат луѓето во групи според разните народи, најпрво да разговараат со оние кои им се блиски, а потоа со оние кои им се подалечни. Исто така можеле да почекаат со навестувањето и во меѓувреме да ја продлабочат Исусовата наука како би избегнале ризик. Но, Светиот Дух не сака сеќавањето на Учителот да биде негувано во затворени групи и сали каде што уживаат во сигурното гнездо.
Духот отвора, повторно покренува, поттикнува да се оди понатаму од она што веќе е кажано и направено, над оградата на срамежлива и внимателна вера – рече папата Фрањо и продолжи: Во свет без цврст ред и пресметани стратегии работите се распаѓаат. Меѓутоа во Црквата Светиот Дух го гарантира единството на оној на кого му се навестува. И апостолите одат неподготвени, влегуваат во игра, излегуваат… Само ги покренува желбата да го даруваат она што го примиле.
Тајната на единството и тајната на Светиот Дух е дар – рече Папата и објасни: Затоа што Тој е дар, дарувајќи се жив и на тој начин нè држи заедно, правејќи нè соучесници на истиот дар. Важно е да се верува дека Бог е дар, кој не се однесува како оној кој зема, туку како оној кој дава. Од тоа како го сфаќаме Бог, зависи и нашиот начин на верување. Ако Бог го сфаќаме како оној кој зема и се наметнува и ние ќе сакаме да земаме да се наметнуваме, да заземаме простори и да бараме почитување и моќ. Но ако во срце го имаме Бог кој е дар, сè се менува. Ако сме свесни дека она што сме е негов дар, бесплатен и незаслужен дар, и ние тогаш ќе сакаме својот живот да го направиме да биде дар. Љубејќи понизно, служејќи бесплатно и со радост, на светот ќе му ја понудиме вистинската слика за Бог. Духот кој е живо сеќавање на Црквата, нè потсетува дека сме родени како дар и дека растеме дарувајќи се, а не чувајќи се.
Да погледнеме во својата внатрешност и да се прашаме што нè попречува во дарувањето – поттикна Светиот Отец и истакна: Има три непријатели кои постојано тропаат на вратата на срцето: себељубие, самиот да се прикажуваш дека си жртва и песимизмот. Себељубието нè прави идол на самите себе, дава да се радуваме само на сопствената корист. Нарцисоидната личност мисли: „Животот е убав кога заработувам“. Па започнува да зборува: „Зошто би требало да дарувам на другите?“ Колку зло во оваа пандемија прави себељубието, препуштање на сопствените потреби, рамнодушност кон оние во потреба и непризнавање на сопствената кревкост и грешки?!
Но и вториот непријател „да се прикажуваш себе како жртва“ е опасен – рече папата Фрањо и напомена: Оној кој се прикажува дека е жртва, секој ден се жали на ближниот. „Никој не ме разбира, никој не ми помага, никој не ме сака, сите се против мене! И неговото срце се затвора, додека се прашува: Зошто другите не се даруваат за мене?“ Колку е лошо таквото прикажување за себе дека сме жртва со тешкотиите во кои живееме!
Да мислиме дека никој не нè разбира и не го чувствува она што ние го чувствуваме, тоа е песимизам – рече Папата и додаде: Тука е присутен секојдневниот повик: Ништо не оди добро, ни општеството, ни политиката, ниту Црквата“. Песимистот се лути на светот, но останува неподвижен и мисли: Меѓутоа што вреди ако се дарува? Бескорисно е!?“ Колку многу песимизмот, на сè да гледаме црно и да повторуваме дека ништо нема да биде како порани, наштетува на големиот напор да се започне одново! Така мислејќи, сигурно е дека надежта нема да се врати. Се наоѓаме во оскудица на надеж, мораме да го цениме дарот на живот, дар кој е секој од нас. Затоа ни треба Светиот Дух, Божјиот дар кој нè оздравува од себељубието, од претставувањето дека сме жртва, и песимизмот.
Да го помолиме: Свети Душе, сеќавање на Бог, оживеј го во нас сеќавањето на дарот кој сме го примиле. Ослободи нè од парализата на себичноста и запали ја во нас желбата да служиме и да правиме добро. Затоа што уште полошо од оваа криза е да се повлечеме затворајќи се во себе. Дојди Душе Свети! Ти кој си хармонија, направи нè градители на единството. Ти кој секогаш се даруваш, дај ни храброст да излеземе од себе, меѓусебно да се љубиме и помагаме, како би станале едно семејство – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк