Папата на молитвата Небесна Царице: Верата во Воскреснатиот e силата за христијанското сведочење
Ватикан, 14.4.2013 /к.мк/ – Пред повеќе од 60.000 илјади верници и посетители на плоштадот Свети Петар папата Фрањо во својот неделен говор пред молитвата Небесна Царице повторно се осврна на важноста да се сведочи воскреснатиот Христос, како и на улогата на Светиот Дух и ги повика верниците да се молат за бројните христијани кои во многу земји се изложени на прогонство и на мачеништво. Осврнувајќи се на делот од Делата на светите Апостоли каде што се опишуваат првите настапи и прогонства на апостолите, папата Фрањо истакна како историјата на првата христијанска заедница нè учи дека кого некој вистински ќе го запознае Христос и во него верува, ја чувствува неговата присутност и реалноста на неговото воскресение, тоа искуство се навестува на другите, па и кога наидува на недоразбирање или на пречки, се однесува како Исус и одговара со љубов и со силата на вистината.
По завршувањето на молитвата папата Фрањо потсети дека вчера во Венеција за блажен беше прогласен дон Лука Паси. Потоа потсети дека денес во Италија се слави ден на Католичкиот универзитет Пресвето Срце, чиј што идеен зачетник е отец Агостино Гемели. На крајот папата ги поздрави присутните поклоници од разни земји, а посебен поздрав упати до семејствата, парохиските групи, движењата, младите. Со зборовите: на сите ви посакувам пријатна недела и пријатен ручек, папата заврши со своето неделно обраќање на плоштадот Свети Петар.
Говорот на папата го пренесуваме во целост:
Драги браќа и сестри, добар ден!
Денес накратко ќе се задржам на делот од Делата на светите Апостоли кој се чита на Литургијата на третата Воскресна недела. Текстот ни пренесува дека благодарејќи на првото проповедање на апостолите во Ерусалим се пренесе веста дека Исус, според Писмата, навистина воскресна и дека е Месијата кој што го навестуваа пророците. Првосвештениците и поглаварите настојуваа во корен да ја уништат заедницата на верници кои веруваат во Христос, и наредија апостолите да бидат фрлени во темница, наредувајќи им повеќе да не научуваат во негово име. Но Петар и единаесетмината одговорија: Треба да Го слушаме Бог, а не луѓето. Бог на нашите татковци Го воскресна Исуса… Бог со десницата Своја Го возвиси Него, Началникот и Спасителот за да му даде покајание на Израел и проштавање на гревовите…. за тие зборови сведоци Негови сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им го даде на оние, што Му се покоруваат. (Дела 5, 29-32) И откако ги повикаа апостолите, ги биеја, и им заповедаа да не зборуваат за името Исусово. А тие заминаа од таму „радосни зашто се беа удостоиле да поднесат навреди за името на Господа Исуса“ (Дела 5, 41), како што пишува во Светото Писмо.
Се прашувам од каде првите ученици црпеа толкава сила за такво сведоштво? И не само тоа: кој е изворот на нивната радост и храброст за навестување, и покрај препреките и насилствата? Да не заборавиме дека апостолите биле обични луѓе, не беа книжници, законици, ниту пак припаѓаа на свештеничката класа. Како можеа со своите ограничувања и прогонства од власта, да го исполнат Ерусалим со нивното учење (сп. Дела 5,28)? Нема сомнеж дека само со тоа што Воскреснатиот Христос беше присутен во нив и преку делувањето на Светиот Дух може да се објасни. Господ кој беше со нив и Духот кој ги поттикнуваше на проповедање го објаснува тој чуден факт. Нивната вера се темелеше на силно и лично искуство на Христос умрениот и воскреснатиот, не се плашеа од никој и од ништо, напротив прогонствата ги прифаќаа како чест, бидејќи тие им овозможуваа да одат по Христовите стапки и да му бидат слични, да го даваат своето сведоштво со животот.
Таа историја на првата христијанска заедница ни говори на нас нешто многу важно, што важи за Црквата во сите времиња и за нас, кога некое лице вистински го познава Христос и верува во него, ја доживува неговата присутност во животот и силата на неговото воскресение и едноставно тоа искуство мора да го пренесат на други. И ако тоа лице наидува на недоразбирање или противење, се однесува онака како што се однесуваше Исус во својата мака: одговара со љубов и со силата на вистината.
Додека заедно ја молиме молитвата Небесна Царице, да молиме за помош од Пресвета Богородица за да Црквата во целиот свет отворено и храбро навестува за Господовото воскресение и да дава за него сведоштво преку знакот на братската љубов. Братската љубов е најнепосредно сведоштво кое ние можеме да го дадеме дека Исус е во нас жив, дека Исус воскресна. Посебно да молиме за христијаните кои трпат прогонства; во ова време има многу христијани кои трпат прогонства, ги има многу, во многу земји: да се молиме за нив, со љубов од нашето срце. Нека ја почувствуваат живата и утешителна присутност на Воскреснатиот Господ.