Папата на Генералната аудиенција: Мајката Црква е учителка на милосрдието

Катехезата на Генералната аудиенција во среда 10 септември папата Фрањо ја псовети на милсордието. Делата на милосрдието се суштествени за спасението, истакна папата Фрањо пред повеќе од 30 илјади верници на плоштадот Свети Петар.

***********************************************

Драги браќа и сестри, добар ден!

Во нашите катехези за Црквата се задржавме во размислувањето за Црквата која е мајка. Минатиот пат истакнавме како Црквата помага да растеме и во светлината и силата на Словото Божјо ни го покажуваат патот на спасението и нè брани од злото. Денес сакам да го истакнам другиот посебен аспект на тоа воспитното делување на мајката Црква односно како нè учи на делата на милосрдие.

Добариот воспитувач се стреми кон она што е важно. Не се губи во детали, туку сака да го пренесе она што е навистина важно за синот или ученикот да ја пронајде смислата и радоста на животот. Тоа е вистина. А тоа основното, според Евангелието е милосрдието. Суштината на Евангелието е милосрдието. Бог го испрати Својот Син, Бог се овоплоти заради нашето спасение т.е. за да ни го даде Своето милосрдие. Тоа Исус јасно го истакнува, сумирајќи го Своето учење за учениците во зборовите: „И така, бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец.“ (Лк 6, 36). Можели некој да биде христијанин, а да биде немилосрден? Не. Христијанинот неопходно мора да биде милосрден, бидејќи тоа е сржта на Евангелието. Верна на тоа учење Црквата не може да не го повтори истото тоа на своите деца: „Бидете милосрдни“, како што е Отецот, како што е Исус. Милосрдие.

Па, Црквата постапува како Исус. Не дели теориски поуки за љубовта, за милосрдието. Не шири во светот некоја филозофија, некој пат на мудрост… Христијанството е сигурно и сето тоа, но не првенствено, туку последно, индиректно. Мајката Црква како Исус учи со пример, а зборовите служат за тоа, да ја објаснат смислата на нејзиниот чин.

Мајката Црква нè учи да даваме јадење и пиење на оној кој е гладен и жеден, да го облечеме оној кој е гол. А како го прави тоа? Го прави тоа со примерот на многу светци и светици кои сето тоа го правеле на примерен начин; но, таа го прави тоа и со примерот на небројните татковци и мајки кои своите деца ги учат дека она што е на нас ни е вишок е наменето за оние кои го немаат и она најнеопходното. Важно е тоа да се знае. Во наједноставните семејства гостопримството отсекогаш било светиња: никогаш не недостигало место на масата и креветот за оној кој му е потребно. Во една прилика една мајка – во друга бискупија – ми раскажуваше дека на тоа сака да ги научи своите деца и им зборувала да им помагаат и да му дадат јадење на оној кој е гладен. Имала три деца. И еден ден за време на ручекот – таткото бил на работа, а таа останала сама со трите деца, на возраст од помалку или повеќе 7, 5 и 4 години – се слушнало чукање на вратата: некој господин барал да му дадат да јаде. А мајката му кажала: „Почекај момент“. Се вратила внатре и ги прашала децата: Тука е еден господин кој бара да му дадеме да јаде, што да правиме?“  – „Дади му, мамо, дади му да јаде“. А секое од нив имало во чинијата стек со пржен компир. „Одлично – рекла мајката – тогаш од секого ќе земеме половина порција, секој нека му даде половина од својот стек.“ – „А, не мамо, не може така!“ – „Така е, мораш да дадеш од себе.“ И така таа мајка ги научила децата дека кога даваат на другиот да јаде одземаат од својата уста. Тој е прекрасен пример кој многу ми помага.“ Но, ништо не ми остана…“ „Е па тогаш дади од себе.“ Така нè учи мајката Црква. А вие мајки кои се наоѓате овде сега знаете што да направите за да ги научите своите деца да ги делат своите работи со оние кои се во потреба.

Мајката Црква нè учи да бидеме до оние кои се болни. Колку само светци и светици Му служеле на Исус на тој начин! И колку само едноставни мажи и жени, секој ден го вршат тоа дело на милосрдие во некоја болничка соба или дом за стари лица или во сопствениот дом служејќи некој болен човек.

Мајката Црква нè учи да бидеме близу до оној кој е во затвор. „Но, оче, тоа е опасно, тој е злосторник.“ Но, секој од нас може… Слушнете го добро ова: секој од нас е способен да го направи истото она што го направил тој маж или жена кои се во затвор. Сите сме способни за грев и за да го направиме истото, да згрешиме во животот. Тие не се ништо полоши од мене или од тебе. Милосрдието го надминува секој ѕид, секоја бариера и секогаш донесува во затворот човечко лице. Милосрдието е тоа кое го менува срцето и животот кое може да препороди некој човек и да му овозможи повторно да се вклучи во општеството.

Мајката Црква нè учи да бидеме близу до оној кој е напуштен и умира потполно сам. Тоа е она што го правела блажена Тереза низ улиците на Калкута; и тоа е она што го правеле и го прават многу христијани кои не се плашат да ја примат раката на оној кој го напушта овој свет. И овде милосрдието дава мир на оној кој умира и оној кој останува, ни дава да слушнеме дека Бог е поголем од смртта и дека кога ќе останеме во Него последената разделба е само едно „догледање“… Добро го сфатила тоа блажена Тереза. И зборувале: „Мајко, тоа е губење време!“ Наоѓала луѓе кои умирале на улица, луѓе кои почнале да се хранат со глувци на улицата и ги водела во куќата за да умрат чисти, спокојни, искапени во мирот. Таа на сите им го упатувала тоа „догледање“, на сите нив… И многу мажи и жени како неа го правеле тоа. И тие ги чекат, таму (покажува кон небото), на вратите за да им ја отворат вратата на небото. Да помогнеш да умрат добрите луѓе, во мир.

Драги браќа и сестри, Црквата е мајка која ги учи своите деца на делата на милосрдие. Таа го научила од Исус тој пат, научила дека тоа е важно за спасението. Не доволно да го љубиш оној кој нас нè љуби. Исус вели дека тоа го прават и паганите. Не е доволно да правиме добро на оние кои нам ни прават добро. За да го промениме светот на подобро треба да правиме добро на оној кој не може да ни возврати, како што направи Отецот со нас кога ни го даде Исус. Колку плативме за нашето откупување? Ништо, сè ни е дадено бесплатно! Да правиш добро не очекувајќи ништо друго за возрат. Така направи Отецот со нас и ние мораме да го правиме истото. Прави добро и продолжи понатаму!

Колку е прекрасно да живееш во Црквата. Во нашата мајка Црква која нè учи на тие работи на кои нејзе ја научи Исус. Да Му благодариме на Господ Кој ни дава милост да ја имаме Црквата за мајка, која нè учи на патот на милосрдието, а тоа е патот на животот. Да му благодариме на Господ.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот