Папата на Воскресното бдение: Да се вратиме на првата средба со Исус

Папата на Воскресното бдение: Да се вратиме на првата средба со Исус

Во Светата ноќ, заедно со навестувањето за Христовото воскресение, папата Фрањо ги поттикна верниците повторно да го откријат восхитот и радоста на нашата Галилеја, моментот кога започна „нашата љубовна приказна со Исус“ и кога го прогласивме за Господар на нашите животи. За време на светата Литургија беа крстени и миропомазани осум катехумени.

Сети се и оди! Ако ја повратите својата прва љубов, восхитот и радоста од средбата со Бога, ќе продолжите напред – ова е охрабрувањето што го даде папата Фрањо во својата проповед на Велигденското бдение, во Светата ноќ, која ја предводеше во ватиканската базилика во Ватикан, во сабота вечерта 8 април 2023 година, придружуван од 40 кардинали, 25 бискупи и 200 свештеници. За време на славењето беа крстени и миропомазани осум возрасни катехумени од Албанија, Соединетите Американски Држави, Италија, Нигерија и Венецуела.

Господовото Воскресение, имено нè поттикнува да ги оттргнеме камењата на разочарувањето и недовербата и нè враќа во нашето минато на благодат – рече Папата. Тоа нè поттикнува да се вратиме во Галилеја, каде што започна нашата љубовна приказна со Исус, кога го прогласивме за Господар на нашите животи. Имено, за да ја отстраниме прашината наталожена во нашите срца и да го продолжиме патувањето, не треба да гледаме во некој апстрактен Исус, туку треба да се вратиме на живиот, конкретен и трогателен спомен на првата средба со него.

Тргнете по патот на учениците

Толкувајќи го во својата проповед делот од Евангелието според Матеј кој зборува за воскресението, Светиот Отец зборуваше за жените кои отишле на Исусовиот гроб во мугрите на првиот ден од седмицата. Од несигурни, изгубени со срце полно со болка поради Исусовата смрт. Но, гледајќи го празниот гроб, тргнале по друг пат и трчаат кон учениците. Така, во животот на овие жени се случил Воскресението, што значи премин – објасни Папата – и од тажното одење кон гробот преминуваат во радосно трчање кон учениците за да им кажат дека Господ воскреснал, но и дека нив ги чека во Галилеја. Повторното раѓање на учениците, воскреснувањето на нивните срца е поврзано со Галилеја – истакна Папата и ги поттикна верниците да појдат по патот на учениците кој води од гробот до Галилеја. На почетокот сите мислат дека Исус е на местото на смртта и дека се е готово засекогаш.

Понекогаш тоа се случува и со нас, мислиме дека радоста од средбата со Исус му припаѓа на минатото, додека во сегашноста пред сè знаеме за запечатените гробови: гробовите на нашите разочарувања, нашата горчина и нашата недоверба, гробовите за кои „повеќе ништо не може да се направи“, „работите никогаш нема да се сменат“, „подобро е да се живее од денес за утре“ затоа што „кој знае што не чека утре“.

Понекогаш се чувствувавме беспомошни и обесхрабрени од силата на злото – додаде Римскиот бискуп – пред конфликтите што ги раскинуваат односите, пред логиките на пресметување и рамнодушноста кои изгледа дека управуваат со општеството, злото на корупцијата – и има многу такви работи – ширењето на неправдата, ледените ветрови на војната.

Вест што ја менува историјата: Христос воскресе!

Или можеби сме се соочиле очи во очи со смртта, на наше најблиски или сопствената, која нè допрела преку болест или некоја несреќа, па така станавме плен на разочарување, а изворот на надежта пресуши. Сето тоа се ситуации – објасни Папата – во кои нашите патишта застануваат пред гробовите, а ние остануваме неподвижни да плачеме и да тагуваме. Напротив, жените на Воскресението не остануваат парализирани пред гробот, туку, како што вели Евангелието, „набрзина го напуштиле гробот и со страв и голема радост истрчале да им кажат на неговите ученици“. Тие носат вест, која засекогаш ќе ги промени животите и историјата: Христос воскресе! Со него и Господовиот повик до учениците: да одат во Галилеја, зашто таму ќе Го видат. Одењето во Галилеја значи две работи – рече Папата:

Од една страна, да се излезе од затворениот џенакул и да се оди во крај населен со луѓе, да се излезе од скривалиштето и да се биде отворен за посланието, да се избега од стравот и да се појде кон иднината. Од друга страна – и ова е многу убаво – тоа значи да се вратиме на изворите, бидејќи сè започна токму од Галилеја.

Враќање на првобитната благодат

Таму, потсети Папата, Господ се сретна прв пат соучениците и ги повика. Затоа, одењето во Галилеја е враќање на првобитната благодат, тоа е обновување на сеќавањето кое повторно ја разгорува надежта. Тоа го прави Господовото Воскресение:

Нè поттикнува да одиме напред, да се извлечеме од чувството на пораз, да го оттргнеме каменот од гробовите во кои често ја затвораме надежта, да гледаме кон иднината со доверба, бидејќи Христос воскресна и го промени текот на историјата.

Враќање на конкретна средба со Исус

За да започнеме од почеток, за да го продолжиме патот, секогаш треба да се вратиме не на апстрактен, идеален Исус, туку на живото, конкретено и трогателно сеќавање на првата средба со него. За да одиме треба да се сеќаваме; за да имаме надеж, треба да го негуваме сеќавањето. Ако ја повратите својата прва љубов, восхит и радост од средбата со Бога, ќе одиш напред – истакна Папата.

Да се обнови првата средба со Христос

Сети се на својата Галилеја и оди кон неа –охрабри папата Фрањо и додаде: Затоа што тоа е местото каде што лично си го сретнал Исус, каде што за тебе не остана историска личност како за другите, туку стана личност на животот: близок Бог кој те познава подобро од кој било друг и те сака повеќе од било кој друг. Затоа, повикот на Папата е до секој верник да се сети на неговиот повик, на оние зборови што Бог во одреден момент ги упати до нас.

Секој од нас знае каде е неговата Галилеја. Секој од нас го знае нашето место на внатрешно воскресение, она почетното, основното, она што ги промени работите. Не можеме да го оставиме во минатото, Воскреснатиот нѐ повикува да одиме таму да го прославиме Воскресението. Сети се на твојата Галилеја, памети ја, оживеј ја денес…

Браќа, сестри, да го следиме Исус во Галилеја, да се сретнеме со него и да му се поклониме таму каде што го чека секој од нас. Да ја оживееме убавината на тој момент кога го откривме жив, го прогласивме за Господар на нашите животи. Да се вратиме во Галилеја, во Галилеја на првата љубов, секој да се врати во својата Галилеја, онаа на првата средба и да воскреснеме во нов живот – поттикна на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот