Папата на Ангел Господов: Со Исус е радоста во домот!
Христијанинот е повикан да сведочи радост која произлегува од Божјата близина – рече папата Фрањо пред пладневна молитва Ангел Господов на 14 декември 2014 година и повеќе пати какомото со верниците повтори: „Со Исус е радост во домот“. Времето на пост веќе две недели нè повикува на духовно бдение за да го подготвиме патот за Господ Кој доаѓа. Во ова трета недела Литургијата ни предлага нешто поинаков внатрешен став со кој ќе го исчекуваме Господ, имено став на радост. Денешната недела се нарекува и „радосна“ или недела gaudete, бидејќи Литургијата започнува со антифонот „Радувајте се секогаш во Господ“, потсети Светиот Отец.
„Човечкото срце сака радост. Сите сакаме радост,“ продолжи Папата, а христијаните се повикани да живеат и сведочат радост која произлегува од Божјото присуство во нивниот живот. „Откако Исус влезе во историјата, со своето раѓање во Витлеем, човештвото го прими повикот за Царството Божјо, како што земјата го прима семето со ветување за идната жетва. Не мора да се бара повеќе на друго место! Исус дојде да донесе радост на сите и засекогаш“, нагласи папата Фрањо, додавајќи дека не се работи само за радост за која се надеваме во небесата: „овде на земјата сме тажни, а во рајот ќе бидеме радосни. Не, тоа не е тоа!“, рече Папата. Се работи за радост која веќе е реална и која веќе сега може да се искуси „бидејќи самиот Исус е нашата радост“, „активен во нас особено преку Словото и светите Тајни“. „Сите ние кои сме крстени, деца на Црквата повикани сме секогаш одново да го примаме Божјото присуство меѓу нас и да им помогнеме на другите да го откријат или ако го заборавиле одново да го пронајдат. Станува збор за прекрасно послание како она на Иван Крстител: да ги упатуваш луѓето кон Христос – не кон нас! – бидејќи Тој е целта кон која се стреми човечкото срце кога бара радост“, истакна Светиот Отец и продолжи: „И свети Павле во денешната Литургија укажува на услови за да бидеме „мисионери на радоста:“ постојано да молиме, секогаш да благодариме, да не го гаснеме Духот, да бараме добро и да бегаме од злото. Ако тоа биде нашиот начин на живот тогаш Радосната вест ќе може да влезе во многу домови и да им помогне на луѓето и семејствата повторно да откријат дека спасението е во Исус. Во Него е можно да се пронајде внатрешниот мир и силата за секојдневно да се соочуваме со разновидните животни ситуации, па и со оние најтешките.“
„Никогаш не се слушнало за некој тажен светец или за светица со лице како да е на погреб“, додаде Папата. Тоа би било противречно. Христијанинот е човек чие срце е исполнето со мир, бидејќи знае дека неговата надеж е во Господ, па и кога поминува низ тешки моменти од својот живот.“ Ако веруваме тоа не значи дека нема да доживееме тешки моменти, туку значи „да имаме сила да се соочиме со нив, знаејќи дека не сме сами“, заврши Папата, истакнувајќи дека Исус не е само историски лик, туку и денес нè води по својот пат и во Светите Тајни ни ја покажува Својата нежност.
По молитвата Ангел Господов, Папата ги поздрави собраните верници, особено децата кои дојдоа на благослов на статуите на Детето Исус во јасли. „Кога се молите дома, пред вашите јасли, сете се и на мене како што и јас се сеќавам на вас“, им порача Светиот Отец. Освен тоа, на верниците на плоштадот во оваа прилика им се поделени 50.000 молитвеници. „Молитвата е дишење на душата. Важно е да се пронајдат моменти во денот за да го отвориме срцето за Господ“, рече Папата и ги отпушти верниците со својот вообичаен поздрав.
РВ/Д.И.