Папата на Ангел Господов: Крстот е победата Христова над злото

Исусовиот крст ја изразува целата блага семоќ на Божјото милосрдие, рече Папата во свеоето обраќање пред молитвата Ангел Господов во недела 14 септември 2014 година на плоштадот Свети Петар. Светиот Отец потсети дека Црквата денес го слави празникот Воздвижение на чесниот Крст Господов. „Некој кој не е христијанин би можел да праша зошто да се возвишува крстот? Можеме да одговориме дека не возвишуваме некој крст меѓу повеќето други или сите крстови, туку го возвишуваме Исусовиот крст, бидејќи во него е објавена најголемата Божја љубов за човештвото – рече Светиот Отец.

„Зошто бил неопходен крстот? – праша Папата и објасни. „Поради тежината на злото кое не држало во ропство. Изгледа дека Крстот за Исус е пропаст, но во стварноста е знак на неговата победа. На Голгота, оние кои му се исмејуваа, му велеа: „Ако си Син Божји слези од крстот“. Но во суштина е спротивното: токму затоа што е Син Божји, Исус остана на крстот, верен до крајот на планот на љубовта на Отецот. Токму заради тоа Бог го „возвиси“ Исус, давајќи му сеопшта власт“  рече Папата и продолжи:

„Кога размислуваме за крстот, гледаме „знак на бесконечната Божја љубов… кој ни обезбеди спасение. Од тој Крст ни доаѓа Очевата милост, која го опфаќа целиот свет… Исусовиот крст е нашата единствена вистинска надеж“ – нагласи Папата, објаснувајќи и зошто го правиме знакот на крстот, предупредувајќи дека „крстот не е магичен знак“. Да се верува во Исуовиот крст значи да се следи на неговиот пат. Во таа смисла и христијаните соработуваат во делото на спасението, прифаќајки ја со Исус жртвата, страдањето и смртта, од љубов кон Бог и браќата.“

Папата поттикна да се присетиме на браќата и сестрите кои се прогонувани и убивани поради верноста на Христос, посебно во местата каде верската слобода уште не е потполно остварена, но и во земјите каде таа слобода со закон е обезбедена, но христијаните често пати наидуваат на препреки и дискриминација. „Поради тоа денес посебно да мислиме на нив и да молиме за нив“ – истакна папата Фрањо, доверувајќи ја сегашноста и иднината на Црквата на застапништвото на Блажена Девица Марија, која на Голгота беше под Крстот, а посебно на нејзиното застапништво ги довери младенците кои ова утро ги венча во базиликата Свети Петар.

После молитвата Ангел Господов, Папата потсети дека утре во Централноафриканската Република официјално започнува мисијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со цел да посредува за мир и да го заштити цивилното население, кое страда од судирите во земјата. Папата поттикна на дијалог и да се стават настрана сопствените интереси за да се обезбеди мир и заедничко добор на сите граѓани. На крајот Папата го отпушти мноштвото поклоници, поздравувајќи ги на својот вообичаен начин.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот