Папата: Молете се за корумпираните!

Папата: Молете се за корумпираните!

Да се молиме за корумпираните да го пронајдат излезот од тој затвор во кој самите сакале да влезат – повика папата Фрањо за време на светата Литургија во домот Света Марта на 10 ноември 2017 година.

Евангелскиот дел од денешната Литургија ни ја пренесува приказната за секојдневната корупција. Ни го претставува ликот на настојникот кој го расипува имотот на господарот, а откако е разоткриен, наместо да најде чесна работа, тој продолжува да краде и тоа со помош на другите: станува збор за „вистински ланец на корупција“, како што го дефинираше папата Фрањо за време на светата Литургија на 10 ноември 2017 година, во домот Света Марта. Светиот Отец во проповедта потсети дека таквото погрешно однесување е трагично актуелно во економијата.

Тие се моќни, нели? Кога формираат корумпирани групи, моќни се; тие исто така покажуваат мафијашко однесување. Но, тоа не е бајка, приказна која мораме да ја бараме во старите книги, туку веќе ја наоѓаме секојдневно во весниците. Посебно такви епизоди се покажуваат кај оние кои управуваат со јавните добра затоа што кон сопствените добра никој не се однесува неселективно, туку ги брани – истакна Папата.

Синовите на овој свет во својот род се повеќе досетливи од синовите на светлината – е заклучокот до кој доаѓа Исус во Евангелието. Но, Светиот Отец истакна дека расипаноста и лукавството на „синовите на овој свет“ се покажува и во нивната љубезност и кога постапуваат во свилените ракавици. Меѓутоа постои ли христијанско лукавство? – праша папата Фрањо?

Но, ако тие се полукави од оние кои се верни на Христос, тогаш се прашувам: постои ли христијанско лукавство? Постои ли начин на однесување за оние кои сакаат да го следат Исус, а кои нема да завршат лошо, кои нема да дојде до тоа, другите живи да ги изедат? Постои ли христијанска снаодливост, „лукавство“ кое не е грешно, туку во служба на Господ и на другите? Постои ли христијанско лукавство? – праша Папата.

Светиот Отец одговори потврдно: постои „христијански инстинкт“ за да напредуваме, а притоа да не се заплеткаме во корумпирани групи. Но, како да го оствариме тоа? Папата Фрањо предложи три однесувања. Прво, „здрава недоверба“ кон оние кои даваат премногу големи ветувања и премногу зборуваат, како оние кои ни зборуваат „инвестирај во мојата банка и ќе ти дадам поволни камати.“ Потоа „расудливост“ кога сме соочени со искушенија на ѓаволот кои ги познаваат нашите слабости. Конечно, тука е молитвата.

Да го молиме денес Господ за милоста да бидеме „лукави“ христијани, да Го замолиме за таа христијанска снаодливост. Ако постои нешто што христијанинот не смее да си го дозволи, тоа е да биде наивен. Како христијани во себе имаме богатство, Светиот Дух, кое мораме да го чуваме. Наивникот не дозволува да му го украдат Духот. Христијанинот не може да си дозволи да биде наивен – рече Папата.

Но, Светиот Дух не советува само да се молиме за христијанска снаодливост и христијански инстинкт. Тоа е исто така добра прилика – продолжи Папата – да се молиме за корумпираните. Се зборува за смог кој ја загадува животната средина, но исто така постои смог на корупција во општеството. Да се молиме за корумпираните да пронајдат излез од тој затвор во кој самите сакале да влезат – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот