За време на неделната молитва „Ангел Господов“, папата Лав повика на обновена посветеност за признавање на еднаквото достоинство на мажите и жените.
Обраќајќи им се на околу петнаесет илјади ходочесници и посетители собрани на плоштадот „Свети Петар“ за неделната молитва „Ангел Господов“, како и на многуте што ја следеа од своите домови, папата Лав XIV потсети дека денес, 8 март, се одбележува Меѓународниот ден на жената.
Папата ги охрабри присутните „да ја обновиме нашата посветеност за признавање на еднаквото достоинство на мажите и жените“, што за христијаните е втемелено во Евангелието. Тој изрази жалење што многу жени, уште од детството, и после тоа се соочуваат со дискриминација и се изложени на различни облици на насилство, нагласувајќи дека „на нив, на посебен начин, им ја упатувам мојата солидарност и моите молитви“.
Папата Лав се осврна на оваа тема и во мартовскиот број на списанието Piazza San Pietro, објавен денес, каде што одговара на прашање на читател поврзано со насилството врз жените. Притоа повика на сојуз меѓу училиштата и Црквата, со цел кај младите да се промовира „култура на почит“.
Меѓународниот ден на жената се одбележува секоја година на 8 март. Тој ги истакнува општествените, економските, културните и политичките достигнувања на жените и повикува на дејствување за поголема рамноправност. Празникот потекнува од почетокот на 20 век и со текот на времето прерасна во ден посветен на залагање, прослава и поддршка на иницијативи за унапредување на правата на жените.
Ватикан њуз/к.мк

