Папата Лав XIV се всели во папскиот апартман во Апостолската палата

Папата Лав XIV се всели во папскиот апартман во Апостолската палата

Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол потврди дека папата Лав XIV се пресели во Апостолската палата, откако од почетокот на понтификатот живееше во Палацо дел Сант’Уфицио.

Во сабота попладне, 14 март 2026 година, папата Лав XIV го презема папскиот апартман во Апостолската палата, преселувајќи се, заедно со неколку свои најблиски соработници, во просториите што ги користеле неговите претходници. Веста ја потврди Матео Бруни, директор на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

Папата досега живееше во ватиканскиот Палацо дел Сант’Уфицио, каде што престојувал и претходно, додека служеше како префект на Дикастеријата за епископи.

Папскиот апартман, кој во меѓувреме е реновиран, се наоѓа на Третата ложа од Апостолската палата. Се состои од повеќе простории, меѓу кои и приватната работна соба, од чиј прозорец Папата се појавува за молитвата Ангел Господов на плоштадот „Свети Петар“, потоа библиотека и мала капела.

На 11 мај 2025 година, Лав XIV ги отстрани печатите што беа ставени на вратата од папскиот апартман во Апостолската палата на 21 април, по смртта на папата Фрањо, кој избра да живее во Домот „Света Марта“.

Првиот Папа што престојувал во овие простории на Третата ложа бил свети Пиј X (1903–1914).

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот