Папата Лав XIV замина од Аргентина за Перу

Папата Лав XIV замина од Аргентина за Перу

Папата Лав XIV го заврши своето апостолско патување во Аргентина и замина за Перу, третата и последна етапа од неговото апостолско патување во Латинска Америка.

Папата Лав XIV во средата попладне, 11 ноември 2026 година, замина од Аргентина за Перу, третата и последна етапа од неговото апостолско патување во Латинска Америка.

Папскиот авион полета од меѓународниот аеродром во Буенос Аирес во 14.38 часот по локално време, а пристигнувањето во Лима беше предвидено околу 17.30 часот по локално време.

Пред заминувањето, Папата накратко се сретна со волонтерите кои помогнаа во организацијата на неговата четиридневна посета на Аргентина и им се заблагодари за нивната посветеност.

„Стигнавме до крајот на овие прекрасни денови во кои го славевме животот, ја славевме верата и ја препознававме големата вредност на човечкиот живот и големиот дар што Господ ни го дал, а тоа е верата“, рече Папата.

Тој потсети дека овие денови биле живеени „во присуството на Христос Исус, Кој го даде Својот живот за нас, и на Неговата Мајка Марија, Пресвета Богородица од Лухан, со која ја славевме Евхаристијата“.

„Исус дојде да го даде Својот живот“, рече Папата. „Вие, како волонтери, го дарувавте своето време и својот живот за да им помогнете на луѓето во Аргентина во овие денови, а и за да ми помогнете мене.“

За време на престојот во Аргентина, папата Лав XIV ги посети Буенос Аирес, Кордоба и Лухан.

Последниот ден од посетата го помина во посета на затворски комплекс и служеше света Литургија во базиликата „Пресвета Богородица од Лухан“, едно од најзначајните маријански светилишта во Аргентина.

На крајот од светата Литургија, Папата ѝ се заблагодари на Аргентина што го пречекала „со отворени раце“ и порача дека ќе го носи секој Аргентинец во своето срце.

По пристигнувањето во Перу, Светиот Отец ќе биде пречекан со официјална церемонија. Потоа ќе се сретне со претседателот на Републиката и ќе им се обрати на претставниците на власта, граѓанското општество и дипломатскиот кор.

Посетата на Перу се одржува под мотото „Да ги отвориме нашите срца“ и за папата Лав XIV претставува своевидно враќање дома, по долгогодишната служба во земјата како мисионер и епископ.

Светиот Отец ќе остане во Перу до 17 ноември и ќе ги посети Лима, Чиклајо, Куско и Пукалпа.

Во четврток, неговиот прв цел ден во Перу, папата Лав најпрво ќе се сретне со епископите на земјата. Потоа ќе се моли со претставници на локалната Црква и ќе учествува на средба посветена на предизвиците и надежите за иднината на перуанскиот народ.

Во вечерните часови ќе предводи молитвено бдение со млади и студенти на Националниот стадион во Лима, по што е предвидена вечера со перуанските епископи.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот