Кардинал Зупи во посета на Синодот на Украинската источно-католичка Црква

Кардинал Зупи во посета на Синодот на Украинската источно-католичка Црква

Претседателот на Италијанската бискупска конференција учествуваше на состанокот, кој се одржува во Рим до 13 септември. Спомнувајќи ја посветеноста на италијанските бискупии во прифаќањето, особено малолетниците, тој уште еднаш поттикна да се работи на решавање на хуманитарните прашања, посебно за најслабите лица и за сите деца кои мора да имаат можност да се вратат во Украина.

Уште еден знак на единство со Римската црква и црквата во Италија – вака болоњскиот надбискуп кардинал Матео Зупи, претседател на Италијанската бискупска конференција, го опиша своето учество, како говорник, на Синодот на Украинската источно-католичка Црква, кој се одржува во Рим до 13 септември.

Откако го поздрави Неговото Блаженство Свјатослав Шевчук, големиот архиепископ на Киев-Халик, кардиналот Зупи во својот говор – како што е објавено на веб-страницата на Италијанската бискупска конференција – ја нагласи силната врска меѓу Црквите, поради големото присуство на Украинци и свештеници во Италија, која зајакна за време на конфликтот, манифестирајќи се во солидарност и конкретна близина. Наша сила – рече кардиналот – е заедништвото кое е во исто време хиерархиско и синодско: вертикалната димензија помага да се почувствува отвореност и чувствителност, а хоризонталната димензија да ги потврди со животот и заедниците.

Сведоштвото на мачениците

Потсетувајќи се на историјата на Украинската источна-католичка Црква, која е богата со сведоштвата на бројни свештеници и маченици, како што е блажениот Омељан Ковч, кој почина во 1944 година во концентрациониот логор Мајданек, а во 2009 година беше прогласен за заштитник на свештениците на Украинската источно-католичка Црква, претседателот на Италијанската бискупска конференција уште еднаш ја изрази својата тага поради страдањата на украинскиот народ и поради бесмисленоста на војните кои – како што рече – секогаш се братоубиствени порази.

Прифаќање на италијанските епархии

Треба да се работи на решавање на хуманитарните прашање, посебно во однос на најслабите лица и сите оние деца кои треба да се вратат во Украина – истакна кардиналот и ги спомена напорите на италијанските епархии во делот на приемот, особено на малолетниците. Во август, 42 украински деца и нивните придружници (вкупно 80 луѓе), од градовите Никопол и Кривиј Рих во регионот Дњепропетровск, беа домаќини во бискупиите Сенигалија, Асколи Пичено и Мачерата, благодарение на отвореноста на локалниот Каритас и заедници. Оваа иницијатива, која е поддржана од Италијанската бискупска конференција и Апостолската нунцијатура во Украина, се надоврзува на други проекти во чии рамки, во текот на летниот период, повеќе од 600 деца и млади поминаа неколку недели во мир, далеку од војна.

Праведен и сигурен мир

Кардиналот Зупи потоа ги охрабри сите да се залагаат за праведен и сигурен мир. Мирот е победа, а не понижување на непријателот, кое води кон идно непријателство и ненаклонетост – рече претседателот на Италијанската бискупска конференција, осврнувајќи се на зборовите на кардиналот Лубомир Хусар, поранешниот голем архиепископ на Киев-Халики – како што го нарече – лик со голем духовен авторитет: „Вистинската конечна победа ќе биде можна ако сите се однесуваме како луѓе во целосна смисла на зборот. Сите други победи се само делумни или нереални и никогаш нема да доведат до вистински мир“.

На крајот, кардиналот Зупи на учесниците на Синодот на Украинската источно – католичка Црква им вети дека Црквата во Италија ќе моли во согласност со желбата на папата Фрањо во октомври да се моли за мир во светот и во Украина, посебно во светилиштата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот