Папата го благослови Рим и светот: Исус е спасение за секој човек и народ

Нека Исусовата откупителска сила ги преобрази оружјата во плугови, уништувањето во креативност, омразата во љубов и нежност молеше папата Фрањо во наговорот со благословот Урби ет орби во четврток 25 декември кој го концентрира на трагедијата во земјите на Блискиот Исток и Африка, но и во Украина. Во проповедта во текот на полноќната Миса во базиликата Свети Петар истакна дека на светот му е потребна нежност.

Папата се обрати на Спасителот на светот молејќи Го да погледне на браќата и сестрите во Ирак и Сирија кои веќе премногу долго ги трпат последиците од долгогодишниот конфликт и заедно со припадниците на другите етнички и верски групи се жртви на сурово прогонство. Нека Божиќ разбуди во нив надеж како и за бројните раселени луѓе, бегалци, деца возрасни и стари луѓе од тој крај и од целиот свет. Нека ја промени рамнодушноста во близина, а отфрлањето во прифаќање за да ја пребродат суровата зима и да можат да се вратат во својата земја и да живеат достоинствено. Нека Господ им го отвори срцето да веруваат и нека го подари Својот мир на целиот Блиски Исток, почнувајќи од земјите благословени со Неговото раѓање, подржувајќи ги напорите на оние кои ефикасно се залагаат за дијалог помеѓу Израелците и Палестинците.

Го молеше Спасителот на светот да го сврти својот поглед кон сите кои страдат во Украина и да им подели милост за ова земја да може да ја надмине тензијата, омразата и насилството и да тргне по нов пат на братство и помирување. Светиот Отец посебно се грижи за мирот во Нигерија каде што се пролева сѐ повеќе крв и многумина неправедно се лишуваат од имотот, ги држат како заложници или ги убиваат. Повика за мир и за останатите делови од африканскиот континент: во Либија, Јужен Судан, Средноафриканската Република и разните краеви на Демократската Република Конго и се обрати на сите кои имаат политичка одговорност со дијалог да се заземаат за надминување на разликите и градење на траен братски соживот.

На празникот Рождество Христово Папата не можеше да ја пропушти ниту драмата на децата кои се жртви на насилство, трговија со луѓе или се присилени да станат војници. Ја спомна трагедијата за неодамна убиените деца во Пакистан.

Исусе Дете мислата ми лета на сите деца кои денес се убиваат и злоупотребуваат, било неродените, лишени од великодушната љубов на нивните родители и закопани во себичноста на една култура која не го сака животот; било децата кои побегнале заради војните и прогонството кои се злоупотребуваат и експлоатираат пред нашите очи и со наше тивко соучесништво; како и децата масакрирани во бомбардирањата, исто така таму каде што се роди Синот Божји. И денес нивното немоќно молчење вика под мечот на многу Иродовци. Над нивната крв демне сенката на денешните Ироди, рече Папата.

Се осврна и на драмата на болните, посебно жртвите на ебола пред сè во Либерија, Сиера Леоне и Гвинеја и заблагодари на сите кои храбро се посветуваат во помагање на болните и на членовите на нивните семејства и уште еднаш упати итен повик на тие луѓе да им се обезбеди потребната помош и лекови. „Навистина се пролеваат многу солзи и на овој Божиќ заедно со солзите на малиот Исус. Нека силата Христова која е слобода и служење се почувствува во многу срца кои трпат војни, прогонство и ропство. Нека со својата кроткост на таа божествена сила ја одземе тврдокорноста на срцата на многу мажи и жени потопени во световноста и рамнодушноста“, ја заврши Папата божиќната порака и го подели вообичаениот апостолски благослов градот и светот додека на плоштадот Свети Петар се подигаа извици со божиќни честитки за Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот