Папата во аудиенција ги прими членовите на Павловото семејство (Famiglia paolina), кои се собрани во Рим на Генерално собрание и истакна дека на денешните медиуми често им недостасува искреност; тоа не е само професија, туку и повик, и треба да бидат чисти, јасни, да се посведочи со сопствениот живот како што е со евангелието.
Комуникација „чиста“, јасна како страниците на Евангелието, автентична и затоа со светлосни години оддалечена од дезинформациите на лажните вести кои денес земаат сѐ поголем замав – таква комуникација посакува папата Фрањо и побара посебно од оние во Црквата, кои секојдневно ја живеат како послание, исполнување на харизмата, односно од членовите на Павловото семејство (Famiglia paolina) кои тој ги нарекува „апостоли на комуникацијата“.
Како што често се случува, така и овојпат Папата, примајќи ги во аудиенција претставниците на Друштвото Свети Павле, кои овие денови го одржуваат нивното Генерално собраниее, одржа претходно подготвен говор и им се обрати навлегувајќи подлабоко во некои размислувања. Комуникацијата е една од работите што е повеќе од професија, тоа е повик – истакна Папата и додаде: Тоа сакаше да го нагласи Дон Алберионе во разни, таканаречените Павлови семејства. Да се комуницира на чист начин. Имате повик да комуницирате на чист, евангелски начин.
„Не“ на дезинформациите
Меѓутоа, сегашното сценарио е често спротивно – како што рече Папата – невкусно, валкано, нечист оброк. Искривување како што се случува во приказната за Црвенкапа која – забележа иронично – преминува од една комуникација во друга, започнува со волкот кој сака да ја изеде Црвенкапа, а завршува со Црвенкапа и нејзината баба како го јадат волкот.
Ако ги земеме денешните медиуми; недостига чистота, недостасува чесност, недостига целосност. Дезинформациите се на дневен ред; едно се кажува, но многу други работи се кријат. Мораме да се погрижиме тоа да не се случува во нашата комуникација на верата, комуникацијата да доаѓа токму од звањето, од евангелието, чисто, јасно, сведочено со сопствениот живот.
Идентитетот доаѓа од повикот
Добро е што меѓу вас има професионални комуникатори – рече Папата и повтори: Но, пред професијата, сепак е повик, а повикот ти дава идентитет. Тоа е оној вид на идентитет како што се случува со Давид кого Бог го повикува од стадото, но го потсетува од каде дошол. Не заборавајте го стадото, да не ве обземе суетата и да ви ја наполни главата затоа што сте важен, затоа што дојдовте до монсињор, кардиналот… Тоа ништо не користи – истакна Папата. Потребна е чистота, односно од каде доаѓам јас, реалност. Направете го вашиот живот да биде токму комуникација на вашиот повик, за никој од вас да не го крие својот идентитет на повикот – рече папата Фрањо.
Во говорот напишан за таа прилика, папата Фрањо меѓу другото, побара од сите гранки на Павловото семејство да го продолжат учењето на блажениот Џакомо Алберионе, користејќи што е можно повеќе средства за комуникација. Цитирајќи ја енцикликата „Redemptoris misio“, од свети Иван Павле II, тој забележа дека навистина не е доволно да се користат средствата за комуникација за да се шири христијанската порака и учењето на Црквата; потребно е самата порака да се интегрира во новата култура создадена од современата комуникација. Култура која се раѓа, и пред содржината, од самиот факт дека има нови начини на комуникација со нови јазици, нови техники и нови психолошки однесувања.
Ватикан њуз/к.мк