Папата Лав XIV им оддаде почит на шпанските маченици кои за време на Шпанската граѓанска војна беа убиени од омраза кон верата. По молитвата Ангел Господов, тој потсети на Игнасио Алаес Вакеро и десет негови придружници, истакнувајќи дека нивниот пример може да го поттикнува мисионерското делување низ целиот свет.
„Примерот на овие браќа, кои го дадоа највозвишеното сведоштво за Христос, нека го поддржува мисионерското дело на навестителите на Евангелието низ целиот свет“, рече Папата во недела, 29 ноември 2026 година, по молитвата Ангел Господов на плоштадот „Свети Петар“.
Беатификација во Мадрид
Кардиналот Марчело Семераро, префект на Дикастеријата за прогласување светци, во саботата во катедралата „Алмудена“ во Мадрид ги прогласи за блажени Игнасио Алаес Вакеро и неговите десет придружници. На свеченоста присуствуваа околу 2.000 верници.
Во својата проповед кардиналот Семераро истакна дека мачеништвото е посебна благодат, а верноста се гради од ден на ден, преку молитвата, слушањето на Божјото слово и љубовта кон ближниот која се живее без задршка.
„Сите не сме повикани да ја пролееме својата крв, но сите сме повикани ништо да не ѝ скратуваме на љубовта“, рече кардиналот Семераро.
Убиени за време на Шпанската граѓанска војна
Игнасио Алаес Вакеро и неговите десет придружници биле убиени во Мадрид меѓу 1936 и 1937 година од омраза кон верата. Деветмина од нив биле семинаристи на возраст меѓу 18 и 24 години, а меѓу останатите двајца биле еден свештеник и еден татко на семејство, кој одбил да се раздели од својот син.
Папата Лав XIV во декември 2025 година го одобри декретот со кој беше признато нивното мачеништво.
Ватикан њуз/к.мк

