Папата Фрањо во понеделник 14 март 2022 година го прими словачкиот премиер Едуард Хегер на аудиенција и разговараа за помошта која земјата ја дава на украинските бегалци кои бегаат од војната.
Светиот Отец и премиерот Хегер потсетија на апостолската посета на Папата на Словачка во септември 2021 година и изразија благодарност за добрите билатерални односи и улогата на Црквата во општеството, се вели во соопштението од Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Папата и премиерот опсежно разговараа и за војната во Украина и нејзиното влијание на регионално и меѓународно ниво. Посебно внимание обрнаа на хуманитарната состојба и приемот на бегалците од војната.
Словачкиот премиер потоа се сретна со државниот секретар кардинал Пиетро Паролин и надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите.
Пред средбата со Светиот Отец, Хегер даде изјава за Vatican News, во која рече дека дошол во Рим за да му се заблагодари на папата Фрањо за посетата на Словачка во септември. Тој додаде дека со Папата ќе разговара за војната во Украина, поради што се проценува дека побегнале повеќе од 2,6 милиони луѓе.
Од почетокот на војната, околу 200.000 бегалци влегле во Словачка, која граничи со Украина. Премиерот Хегер рече дека дневно доаѓаат од околу 10 – 12.000 луѓе, но дека очекува тој број да се зголеми во наредните денови, поради интензивирањето на рускиот напад.
Ватикан њуз/к.мк
Таг: Папата и словачкиот премиер Хегер разговараа за војната во Украина
Клучни зборови: папа Фрањо, Словачка, Украина, Хегер,
Фотографија: Папата Фрањо со словачкиот премиер Едуард Хегер
Мета опис: Папата Фрањо го прими словачкиот премиер Едуард Хегер на аудиенција и разговараа за помошта која земјата ја дава на украинските бегалци кои бегаат од војната.
Број на статија и слика: 11721