Различните реалности и разноликоста во заедништвото се богатство на Црквата; средство за навестување на Евангелието помоќно од зборови. Ова папата Фрањо го истакна пред ходочасниците од Ро, кои ги прими во аудиенција на 25 март и ги потсети: „Парохијата е место каде што треба да се чувствуваме сакани, да го шириме кругот на односите, да бараме заеднички точки, а не причини за поделба.
Мноштвото реалности од кои доаѓаат, различните генерации и комплементарноста на даровите карактеристични за ходочасниците кои во голем број дојдоа во Ватикан, околу 2.000 од градот Ро, недалеку од Милано, беше можност. папата Фрањо уште еднаш да нагласи дека навестувањето на Евангелието е богатство на Црквата, помоќно од било кои други зборови.
Имено, Црквата е тело составено од многубројни членови, кои сите си служат еден на друг и кои сите се поттикнати од истата љубов: Христовата (сп. 1. Коринтјаните 12,12). Секогаш имајте на ум дека со убавината и богатството на таа разноликост и тоа заедништво на светот му го донесувате Исус, тоа е најсилното средство со кое го навестувате Евангелието, повеќе од зборови!
Само одејќи заедно како браќа и сестри, откриваме дека светот не завршува со нас – додаде Папата – дека заедницата не се создава во огледало и дека братството ги прави луѓето послободни и посреќни.
Од неплодна земја до раскошни ливади
Парохијата е место каде со љубов заедно одиме во различноста на потекло и културните и општествените услови; – истакна Римскиот бискуп – таа е место каде што се среќаваме и се запознаваме, откривајќи дека секој има нешто уникатно што може да го даде и добие. Преку различни формативни активности, ораторство, грижа за сиромашните, постарите, осамените, придружбаа на верени парови или млади семејства и спортски активности или музички состави, го подготвувате теренот, понекогаш малку сув и тежок, за да ширите љубов и просторот каде што живеете да го промените во луксузна ливада, богата со добри плодови од Евангелието – рече Светиот Отец.
Парохијата е место каде што се проширува кругот на односи
Осврнувајќи се на шесте години во кои беше парох, папата Фрањо во светлина на тоа искуство објасни дека да се сака значи да се прошири кругот на односите, работејќи заедно, секогаш да се бараат заеднички точки, а не причини за поделба. Парохијата е, всушност, место каде што се оди за да се чувствуваме сакани, во потрага за срдечна насмевка, место каде секој ги носи своите товари и добра за да ги сподели со своите браќа. Никогаш не се уморувајте да ги отворате вратите и прозорците на оние што тропаат. Никогаш не кажувајте „сега не е време“ –охрабри Папата, спомнувајќи еден парох кој за да не го вознемируваат верниците за кои вратата била затворена, сакал да ги затвори и прозорците со цигли, а потоа опиша како треба да изгледа вистинскиот пасторал во парохијата: раширени раце, очи желни за средба и полни со љубов.
Притоа, тој повторно предупреди за – како што рече – чумата што уништува парохии, а тоа е озборување. Има многу добар лек; ако чувствувате потреба да озборувате, гризнете го јазикот; ќе отече и нема да можеш да зборуваш – советуваше Папата.
Постарите и младите
На крајот истакна дека нивните парохии се наоѓаат на место богато со духовност, обележано со историја на дарежлива и плодна Црква, Светиот Отец им се заблагодари на поклониците што со својата вера и братска љубов го одржуваат ова наследство во живот и да не престанат да растат. Ќе има многу тешкотии, ќе има внатрешни борби, завист, но заедно мора да се издржи за да не биде уништена убавата историја на парохијата што ја имате. Само напред! – рече тој и посебно им се обрати на постарите, охрабрувајќи ги на младите да им го пренесат сведочењето што го добиле од генерациите што им претходеле, збогатувајќи ги со нивната посветеност и нивното сведоштво. Тој ги охрабри младите да не се плашат да разговараат со постарите, бидејќи тие – како што рече – ќе им дадат сила да одат напред. Тоа не значи секогаш да се гледа назад. Разговарајте со постарите, но гледајте напред, кон хоризонтот. Важно е младите да ги сретнуваат старите и да разговараат со нив – истакна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк