По средбата со муслиманскиот совет на старешините, Светиот Отец, како дел од неговата Апостолска посета на Кралството Бахреин, учествуваше на екуменска средба и молитва за мир во катедралата Пресвета Богородица од Арабија во Авали.
Ние – Партјаните и Мидјаните, Еламитите и жителите на Месопотамија, Јудеја и Кападокија, од Понт и од Азија, од Фригија и Памфилија, од Египет и од краиштата на Ливија, соседите на Киринија, па и дојдените Римјани. Како ние Јудејците, така исто и новообратените, Критјаните и Арабјаните, еве слушаме како тие зборуваат за големите дела Божји на нашите јазици?” (Дела 2,9-11).
Во своето воведно обраќање Светиот Отец го поздрави цариградскиот вселенски патријарх Вартоломеј I, врховниот поглавар на Цариградската Вселенска патријаршија и „првиот меѓу еднаквите“ патријарси на Православната црква, како и сите присутни, и истакна дека овие зборови, како да се напишани за сите нас присутни овде денес: од многу народи и јазици, од многу места и различни обреди, сите се собравме овде поради големите дела што ги направи Бог! Во Ерусалим на денот на Педесетница, иако народи дојдоа од многу места, сите чувствуваа дека се обединети во еден Дух. Папата Фрањо рече дека различноста на потеклото и јазиците не треба да биде проблем, туку дополнителен извор и продолжи со цитат од еден писател кој вели: „Ако некој му рече на некој од нас: „Го примивте Светиот Дух, зошто не „Зборуваш на сите јазици?“, треба да му одговориме: „Ги зборувам сите јазици, бидејќи сум член на телото Христово, Црквата, која зборува на сите јазици (Беседа од африкански автор од шестиот век: PL 65, 743).
Папата Фрањо истакна дека тоа се однесува на сите нас „зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело“ (1 Коринтјаните 12,13). Светиот Отец во својот говор нагласи дека народот со своите поделби го ранува телото Господово, но Светиот Дух, кој ги соединува сите членови, е поголем од нашите поделби во телото. Понатаму Папата рече дека она што нè обединува е многу повеќе од она што нè разделува и дека колку повеќе сме во склад со Духот, толку повеќе ќе бидеме поттикнати да го обновиме целосното единство меѓу нашите браќа и сестри.
Единство во различноста и сведоштво со животот
Две работи кои Папата ги смета за корисни на патот за заедништвото се единството во различноста и сведочење со животот. Објаснувајќи го единството во различностите, тој истакна дека на Духовден учениците „биле сите заедно на едно место“. Тој додаде дека треба да забележиме како Светиот Дух почивајќи над секого го избрал моментот кога сите биле собрани заедно. Секој од нив можеше посебно да дејствува и да прави добро, но кога беа собрани во единство, вратата на Божјите дела беше целосно отворена за нив. Тој посочи дека христијанскиот народ е повикан да се собере за да се остварат Божјите чудни дела во нашата близина. Присуството во Бахреин со распространети култури и религии, ни помага да ја почувствуваме потребата за единство и споделување на верата – рече Светиот Отец, споредувајќи ја поврзаноста на архипелагот и силните врски меѓу островите во областа каде што моментално престојуваат, поттикнувајќи така да биде и меѓу нас; за да не бидеме изолирани, туку обединети во братско заедништво.
Светиот Отец го продолжи својот говор прашувајќи што можеме да направиме за да расте единството ако изгледа дека животот, навиките и далечините не влечат на други страни? Тој се запраша што е всушност „собирното место“, „духовниот џенакул“ на нашата заедница? Заклучи дека тоа е Божјата слава, која Светиот Дух ја движи во нас. Истакна дека мора да се молиме и дека не смееме да се изолираме и да се затвораме, бидејќи само пофалната молитва и поклонувањето е најголемиот облик на поврзување со нашите браќа и сестри. Пофалната молитва и поклонување е противотров на тагата и искушението, ги прочистува нашите срца и ја обновува хармонијата и единството. Оние кои го фалат Отецот не се обесхрабруваат од маленоста на стадото, туку се радуваат на величината што се Божји чеда. Пофалната молитва му дозволува на Духот да нè исполни со својата утеха и станува лек за осаменоста и носталгијата. Ни овозможува да ја почувствуваме близината на Добриот Пастир, дури и во моменти кога го чувствуваме отсуството на нашите пастири, како што често се случува во овие краишта. Во нашите пустини Господ сака да отвора нови и неоткриени патишта и прави да никнуваат извори на жива вода (сп. Исаија 43,19). Благодарноста и обожавањето нè водат кон Духот, враќајќи нè на изворите и единството.
Светиот Отец потоа истакна дека е неопходно да се задржи добрата навика вашите црковни згради да бидат достапни на другите заедници за обожавање на единиот Господ. Истакна дека пофалната песна нè поврзува не само на земјата, туку и на небото, а ја пеат многу христијански маченици од различни конфесии. Колку многу ги има во последниве години на Блискиот Исток и ширум светот! Тие сега формираат едно ѕвездено небо, водејќи го нашиот пат додека патуваме низ пустината на историјата. Сите имаме иста цел, а тоа е да сме повикани на целосна заедништво со Бога, истакна папата Фрањо.
Единството не значи „сите еднакви“
Истакнувајќи дека единството кон кое патуваме е единство во различноста, тој посочи дека е многу важно да се земе предвид дека единството не значи „сите еднакви“, туку во различноста. Извештајот за Педесетница зборува за фактот дека секој човек ги слушнал апостолите како зборуваат „на својот јазик“ (Дела 2,6). Светиот Дух, имено, не измислува нов јазик за секого, туку дозволува секој да зборува на други јазици (сп. р. 4), за секој да може да го слушне својот јазик што го зборуваат другите (сп. р. 11 ). Тој не нè затвора во униформност, туку нè оспособува да се прифаќаме едни со други во различностите. Ова се случува кога луѓето живеат според Светиот Дух. Тие учат да се сретнат со секој од нивните браќа и сестри во вера како дел од телото на кое и самите припаѓаат. Ова е духот на екуменскиот пат, заклучи Светиот Отец.
Да се прашаме како напредуваме на екуменскиот пат – поттикна тој. Дали дејствуваме како пастири, служители, христијански верници и дали сме отворени за dелувањето на Светиот Дух? Дали екуменизмот го гледаме како товар, како натамошна обврска, како институционална обврска или како искрена желба на Исус сите да бидеме „едно“, послание што извира од Евангелието? Светиот Отец повика да се прашаме што ние самите правиме за нашите браќа и сестри кои веруваат во Христа, но не се „наши“? Дали ги знаеме, дали ги бараме, дали нè интересираат?, праша папата Фрањо и додаде: Дали се држиме на дистанца или се трудиме да ја разбереме историјата на нашите браќа и сестри, нивната посебност, без да го сметаме сето тоа за пречка?
Откако Светиот Отец ги изнесе своите размислувања за првиот елемент, се осврна на вториот елемент, а тоа е сведоштво со животот. Повторно се врати на Педесетница и рече дека учениците се „отворија“, преобразени и излегле од горната соба. Потоа ќе одат во целиот свет. Ерусалим, кој излeгдаше дека е нивната точка на пристигнување, станува почетна точка на нескојдневна авантура. Стравот што ги чуваше дома сега е далечен спомен и отсега одат секаде, не за да се издвојат од другите, а уште помалку за да го револуционизираат поредокот на општеството и светот, туку насекаде да ја шират убавината на Божјата љубов со нивните животи, заклучи Светиот Отец.
Верата е дар што треба да го споделиме
Нашата порака не е толку со обраќање преку зборови, туку многу повеќе во сведочење со дела – истакна Папата и додаде – верата не е привилегија што треба да ја бараме, туку дар што треба да го споделиме. Како што е наведено во еден многу стар текст: христијаните „не живеат во посебни градови, не користат некој странски јазик и не усвојуваат посебен начин на живот. Секоја странска област е нивна татковина. Тие живеат на земјата, но имаат жителство на небото. Тие ги почитуваат утврдените закони, но нивниот начин на живот е над законот. Тие ги љубат сите“ (Послание до Диогнет, V).Тие ги љубат сите, а тоа е знакот на христијаните, суштината на нашето сведоштво. Животот во Бахреин им овозможи на многумина од вас повторно да ја откријат и практикуваат целосната едноставност на милоста. Со ова, папата Фрањо мислеше на помошта што им ја даваат на браќата и сестрите кои доаѓаат од друго место, нивното скромно христијанско присуство и сведочењето што го даваат секој ден на работното место со нивното разбирање и трпение, радост и благост, добрина и дух на дијалог. Со еден збор: мир.
На крајот од говорот Светиот Отец повтори дека сака со сите присутни да ги сподели своите размислувања за единството и важноста за сведочењето. Тој заклучил дека не можеме вистински да бидеме сведоци на Божјата љубов ако не сме обединети меѓу себе во согласност со неговата волја. Исто така, не можеме да бидеме обединети додека остануваме одвоени, без отвореност за сведочење, без проширување на границите на нашите интереси и нашите заедници во името на Светиот Дух, кој го опфаќа секој јазик и допира до сите. Сепак, додаде тој, истиот Дух кој им дава различност на харизмите создава единство, но единство како хармонија. Духот е хармонија. Тоа е она за што се молиме, таа хармонија да се случи меѓу нас. Духот нè собира заедно и нè испраќа на мисии. Да му го довериме нашето заедничко патување во молитва и да го замолиме да ја излее својата благодат врз нас во нова Педесетница, која ќе отвори нови хоризонти и ќе го забрзаат нашето патување на единство и мир, рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк