Папата за време на летот кон Манила: На Филипините во центарот на пораката ќе бидат сиромасите

На Филипините во центарот на пораката ќе бидат сиромасите, а најмногу подршката на жртвите од тајфунот Јоланда, рече папата Фрањо во вториот негов разговор со новинарите, кој траеше околу 45 минути, за време на летот од Шри Ланка кон Филипините. Тој со многу одлучни зборови зборуваше за неодамнешните настани во Париз и притоа, ја истакна слободата на изразување како основно право, но исто така и правото на верата да не биде исмејувана. Меѓу темите за кои се разговараше беше помирувањето во Шри Ланка, како и следната енциклика посветена на животната средина, која би требало да биде објавена во текот на летото.

Одговарајќи на прашањето на еден француски новинар за настаните во Париз, Светиот Отец истакна дека, како што е застранување кога некој убива во Божјо име, така греши и оној што навредува некоја религија мафтајќи со знамето на правото да каже сѐ што сака. Овде папата Фрањо е многу јасен: сигурно е должност да се каже она што придонесува во изградбата на општото добро и сигурно на навреда не може да се реагира со насилство, но на ист начин, не може ниту да се провоцира. Не може да се навредува верата на другите луѓе, не може да се исмејува верата, бидејќи постојат граници, а тоа е достоинството кое го поседува секоја религија, истакна Папата.

Една од темите на разговорот се однесуваше на следната енциклика,која е во подготовка, а е посветена на животната средина. Светиот Отец ја даде долго очекуваната вест: документот би требало да биде готов во јуни или јули. На крајот на март, најави Папата, една недела ќе посвети на завршувањето на текстот кој е веќе со трет нацрт план. Првиот го подготви кардиналот Турксон, вториот го погледна самиот Папа, со помош на стручни лица, а третиот нацрт е составен со учество на теолози.

Со остри зборови Светиот Отец се осврна на сѐ поголемото искористување на децата како камикази во атентатите, кои за жал, се познати и од судирите кои се случуваа и во Шри Ланка. Папата Фрањо истакна дека, освен психичките проблеми, во оној што одлучува да убие, се гледа „човечко нарушување“. Камиказата е личност што го дава животот, но не го дава добро, напротив, спротивно, на пример, од бројните мисионери кои исто така го даваат својот живот, но со цел изградба. Затоа, да се заврзе бомба за некое дете, по зборовите на Папата, не е ништо друго освен да се направи од него роб.

На прашањето за можните атентати на Ватикан и на него лично, папата Фрањо рече дека се плаши најмногу за луѓето кои доаѓаат да се сретнат со него. Што се однесува, пак, до него самиот, со насмевка рече дека со таа опасност се соочува со прилична мерка на несовесност. Најдобар начин за одговор на насилството е благоста, според зборовите на Папата.

РВ/В.Н.

2735

Категорија: Ватикан

За авторот