Папата до прогонетите христијани: Вие сте во моето срце и молитви

„Како верски водачи имаме обврска да го осудиме секое насилство против човечкото достоинство и човековите права“, рече папата Фрањо во видео пораката до ирачкиот народ и посебно до ирачките христијани. Пораката на Папата до христијаните ја пренесе кардинал Филипе Барбарин, надбискуп на Лион кој престојува во дводневна посета на Ербил, со цел уверување на ирачките христијани во постојаната молитвена близина на Црквата во Европа и посета на организацииите за хуманитарната помош на тоа подрачје. Францускиот кардинал и придружбата на стотина волонтери ги прими Калдејскиот патријарх Луис Рафаел I Сако.

Во пораката Папата изразува близина на христијаните кои се погодени од тешко прогонство и им заблагодарува за нивното сведочење во големите страдања. „Изгледа дека таму не сакаат христијани, но сведочете им за Христос“, истакна Светиот Отец и додаде: „Помислувам на раните, на болките на мајките за своите деца, на старите и присилно раселените, на раните на сите жртви на секој вид на насилство.“ Папата присетувајќи се на веќе кажаното во Анкара, изрази загриженост заради тоа што групи екстремисти и фундаменталисти прогонуваат особено, но не исклучиво христијани и језиди, заради нивната етничка и верска припадност.

„Би сакал денес да ви се приближам вам кои ги поднесувате тие страдања, да ви бидам близок… И помислувам на света Тереза на Детето Исус која зборувала дека Црквата е како трска: кога ќе дојде ветар, бура, трската се свиткува, но не се крши! Вие сте во моментот таа трска, вие од болката се свиткувате, но сте постојани во верата што ни е сведоштво. Вие денес сте Божјата трска! Трска која се наведнува под овој жесток ветар, но која после ќе се воздиге!“, им порача на ирачките христијани папата Фрањо и продолжи:

„Го молам Светиот Дух Кој сè обновува, на секој од вас да му подари сила и истрајност. Тоа е дар на Светиот Дух. Освен тоа, силно барам како што направив во Турција поголема ангажираност на меѓународните напори во решавањето на конфликтот кој предизвикува крвопролевање во вашите татковини.“ „Во моето срце сте. Во моите молитви и во срцето и во молитвите на сите христијански заедници“, рече Папата на крајот на пораката и го препорача ирачкиот народ и меѓу нив особено прогонетите христијани на заштитата на Блажена Дева Марија и ги благослови.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот