Папата до младите Канаѓани: Градете мостови, ширете радост

Папата до младите Канаѓани: Градете мостови, ширете радост

Не дозволувајте светот да го уништат оние кои бескрупулозно мислат само како да го искористат и уништат, рече Папата на младите Канаѓани и ги повика на местата каде што живеат да ги преплават со радост и воодушевување типични за нивната возраст.

Кога луѓето работат заедно, барајќи го доброто на другиот, светот се открива во целата своја убавина. Па, ве молам да не дозволувате светот да го уништат оние кои бескрупулозно мислат само како да го искористат и уништат, рече папата Фрањо, обраќајќи се на младите од шест градови во Канада, од Атлантикот до Тихиот Океан, кои учествуваа заедно со своите епископи и кардиналот Кевин Фарел, во телевизискиот пренос, на кој дебатираа за предизвиците, проблемите, прашањата и потребите на младите во Католичката црква. Видео пораката на Папата беше пренесена во 19.30 часот на 22 октомври во Торонто, во склоп на посебниот пренос во организација на ТВ Sel + Lumière од Торонто, за да им се помогне на бискупите од Канада во подоготовката за синодата за младите, која ќе се одржи во октомври 2018 година на тема: „Младите, верата и одлучувањето за звањето.“

„Ве повикувам да ги преплавите местата каде што живеете со радост и воодушевување, типични за вашата возраст, да го натопите светот и историјата со радоста која доаѓа од Евангелието, од средбата со Личноста Исус, кој ве воодушевил и привлекол да бидете со Него“ – им рече Папата на младите.

Светиот Отец потоа ги повика младите да бидат „ткајачи на односи засновани на доверба, меѓусебно споделување и отворање до крајните граници на светот“ и ги поттикна: „Не подигнувајте ѕидови на поделби, градете мостови.

Папата Фрањо ги потсети младите дека Исус погледнал на секој од нив, повикувајќи ги да го следат. „Сигурен сум – рече – дека иако изгледа како заглушување да владее во светот, тој повик продолжува да одекнува во нашите срца за да ги отвориме за полнотата на радоста.“

На светот и на Црквата им требаат храбри млади луѓе – продолжи Папата – кои нема да се исплашат пред тешкотиите, кога ќе се соочат со искушенијата, ќе ги држат очите и срцата ширум отворени за реалноста, за никој да не биде отфрлен, за да не биде жртва на неправдата и насилството, и за да не биде лишен од достоинството на човечката личност.

Одете во пресрет на Исус, бидете со Него во молитвата, препорача на крајот и ги довери младите на Марија од Назарет. „Дозволете Марија да ве земе за рака – заврши Светиот Отец – и да ве води кон радосниот и великодушен одговор: Еве ме!

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот