Папата до лутераните: Треба да одиме заедно

„Секогаш има време за помирување на разликите во Господа, Бог дошол кај нас да служи, а не да му биде служено“. Со овие зборови заврши посетата на папата Фрањо на евангелската Лутеранска црква во Рим, која ја посети во неделата попладне.

Тој е третиот папа кој ја посетува малата Лутеранска заедница во Рим, откако тоа го направија Иван Павле II (11 декември 1963) и Бенедикт XVI (14 март 2010). Папата Фрањо беше пречекан од лутеранскиот пастор Жан-Мартин Круз и со долготраен аплауз од присутните.

Посетата помина во „семејна“ атмосфера, како што и самиот Папа потврди, кој наместо подготвената однапред проповед претпочиташе да одговора на некои прашања на присутните.

На првото прашање поставено од едно момче, „Што сакаш да правиш како Папа?“, Светиот Отец одговори: „Сакам да сум парохиски свештеник и пастир, а не бирократ, ниту пак да давам протоколарни интервјуа; оваа средба не е протоколарна, туку семејна. Сакам да сум парохиски свештеник. Се чувствувам добро кога ги посетувам болните, кога разговарам со очајни или тажни луѓе. Сакам до ги посетувам затворениците. Секој пат кога посетувам затвор се прашувам – зошто тие се таму, а не јас? Се заблагодарувам на Исус Христос, затоа што ме спасил – јас не сум помалку погрешен од нив. Исус ме спаси. Ако еден Папа не умее да биде парохиски свештеник, епископ и пастир, ќе биде многу влијателен, но нема да биде среќен во срцето“.

На прашањето на една жена, мажена за католик, зошто не можат да ја споделат Вечерата Господова, Папата одговори: „Ако имаме едно и исто Крштение, треба да одиме заедно. Постојат прашања на кои само искрено со себе човек може да одговори. Имав големо пријателство со еден епископ од Протестантската епископална црква во САД, кој имаше една грижа. Ја придружуваше неговата сопруга и децата на литургијата, а потоа одеше во својата заедница. Тоа е едно големо учество. Секогаш треба да се повикуваме на Крштението. Еден Господ, една вера, едно крштение. Одете напред, не смеам да кажам нешто повеќе“.

Папата Фрањо повторно се наврати на темата на трагедијата од терористичките напади во Париз, одговарајќи на прашањето поставено од една жена „што треба да се направи за да не се донесуваат луѓето пред сиромаштијата и да не градат ѕидови“. „Треба да се зборува јасно, да се молиме и служиме“, одговори Папата. „Ако го отвориме Стариот Завет, уште во првите страници ќе видиме дека човекот е голем градител на ѕидови“. За Папата, „зад желбата да се градат човечки ѕидови стои сон: човекот да стане како Бог. Пример за тоа е Вавилонската кула. Таа е израз на гордоста на власта; исклучувањето на другите следува токму тогаш“. „Ѕидот секогаш исклучува, ѕидот е споменик на исклучувањето. Исто и во нашиот живот гордоста и суетата нѐ оддалечуваат од Господ“. „Човечката себичност ја брани сопствената власт. На крајот на краиштата, ѕидовите се како самоубиство, тие те затвораат. Многу лошо е да имаш затворено срце, денес го гледаме тоа. И во Париз видовме затворени срца и исто така, дека името на Бог се користи за да се затворат срцата. Но што да правиме? Треба да се зборува јасно, да се молиме и служиме. Бидете последни, мијте ги нозете, служете на браќата и сестрите, на најсиромашните.

Во својот говор, по читање на Евангелието по Марко (Марко 13) Папата запраша: „Што ќе нѐ праша Господ во денот на Страшниот суд? Прашањата се за сиромашните, бидејќи сиромаштијата зазема централно место во Евангелието. Господ Исус Христос ја нема привилегијата да биде како Бог, туку се снижува и понижува до крај, до смрт на крстот: тоа е изборот да служи“.

На Судниот ден ние, лутераните и католиците, на која страна ќе бидеме, десно или лево? „Изборот на Христос да служи е вистинскиот пат кој треба да го осветли дијалогот меѓу лутераните и католиците. Имало и лоши времиња меѓу нас, прогонства; со истото Крштение сме гореле живи. Треба да побараме прошка за тоа, за скандалот на поделбата. Ајде да ја измолиме од Господ благодатта на помирувањето на разликите во Господа“, заврши Папата, повикувајќи ги лутераните да ги придружуваат во екуменското општење католиците за време на Јубилејот на милосрдието, за повторно откривање на Божјата прошка и убавината на братската љубов“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот