Говорејќи пред заедницата на бискупската семинарија „Света Марија“ од Кливленд, папата Фрањо ги поучи богословите како да се подготват за свештеничка служба во сегашниот синодален процес и ги охрабри да го продлабочат духот на братското заедништво.
Слушањето, заедничкото одење и сведочењето се карактеристиките на синодалното патување што го започна Црквата и тие се од суштинско значење за оние кои се подготвуваат за свештенството – истакна папата Фрањо во својот говор пред заедницата на бискупската семинарија „Света Марија“ од Кливленд, кој ги прими на 6 март 2023 година. На свештениците, ѓаконите, богословите и вработените во таа црковна институција, кои дојдоа во Рим да ја прослават 175. годишнината од нејзиното основање, Папата ја истакна важноста на помошта што свештениците им ја даваат на членовите на Божјиот народ во исполнувањето на нивниот повик до бидат ученици мисионери, посебно во контекст на синодалниот процес што го започна Црквата. Потоа подиректно им се обрати на оние кои се подготвуваат за ракополагање и пасторална служба, давајќи им некои упатства.
Слушање на Словото Божјо
Истакнувајќи ја важноста на слушањето, Светиот Отец ги поттикна секој ден да направат простор за Господ, да размислуваат за неговото Слово, да најдат светлина за сопственото одење со помош на духовна придружба и пред се да поминуваат време со Бога во молитва, слушајќи го во тишина пред дарохранителницата.
Никогаш не заборавајте дека е важно да застанете пред Господ за да слушнете што сака да ви каже. Имено, слушањето на Божјиот глас во длабочината на нашето срце и распознавањето на неговата волја е апсолутно неопходно за нашиот внатрешен раст, посебно кога се соочуваме со итни и тешки задачи.
Римскиот бискуп истакна дека дури и животот во Богословијата дава можност да се негува молитвената навика која ќе послужи во извршувањето на свештеничката служба и додаде дека слушањето на Господ го вклучува и одговорот на верата на сè што Тој има објавено и она што Црквата го пренесува, за да можат свештениците автентично и радосно да ги поучуваат и навестуваат другите во вистината и убавината на Евангелието.
Да се продлабочи духот на заедништво
Што се однесува до заедничкото одење, втора карактеристика на синодалното патување, Папата ги поучи богословите како да го живеат црковното заедништво додека се подготвуваат за свештенството.
Времето на вашата формација во Богословијата е можност да го продлабочите духот на братско заедништво, не само меѓу себе, туку и со вашиот бискуп, со свештениците на локалната Црква, со лица посветени на Бога и верниците лаици, како и со општата Црква. Треба да се препознаеме себеси како дел од еден голем народ, кој ги доби Божјите ветувања како дар, а не како привилегија.
А повикот на оние што го избираат свештеничкиот живот е дар – истакна Папата – што треба да се стави во служба на градењето на телото Христово, одејќи заедно со стадото; понекогаш напред за да го покаже патот; некогаш среде стадото, за да го охрабриме, а некогаш зад него, за да ги придружува оние на кои им оди потешко; но никогаш не треба да се одвојувате од него.
Свештеници се знак на Црквата, која излегува
На крајот, сведочење значи да се биде жив знак на Исус присутен во светот и не е ништо друго, туку плод на слушање на Бога и заедничко одење – објасни Папата и им посака на идните свештеници годините поминати во Богословијата да бидат подготовка за целосно предавање на Бога и неговиот народ, во целибатска чистота и неподелени срца.
Завршувајќи го својот говор, Светиот Отец им ги вети на богословите своите молитви, за да можат во нивниот апостолат секогаш да бидат знак на Црквата, која излегува, сведочејќи и споделувајќи ја милосрдната љубов на Исус со сите членови на човечкото семејство, посебно со сиромашните и оние во потреба. Покрај тоа, тој посака нивното студирање и формација во Богословијата да им овозможи да растат во верна љубов кон Бога и во понизното служење на ближниот.
Ватикан њуз/к.мк