Остави сè и откриј го Божјиот проект.
Ветување и ризик се две димензии кои папата Фрањо ги истакна во пораката за 56. Светски ден на молитвата за звања надахнувајќи се од евангелскиот дел за повикот на првите ученици на Галилејското Езеро и од двата големи настани кои неодамна завршија: Епископската синода и Светскиот ден на млади во Панама, кои ѝ овозможија на Црквата да ги слуша младите и нивните потреби и да се обиде да им даде конкретни одговори.
Како апостолите рибари секој е повикан да се соочи со напорните и безуспешни денови и со оние во кои обилниот улов е награда за тешката ноќ помината на морето – пишува Папата. Но како и во секој повик, Бог во одреден момент нè изненадува и ни доаѓа во пресрет и ни ја дарува радоста која го исполнува животот па и кога мрежите се празни. Господовиот повик не е вплеткување на Бог во нашата слобода. Не се работи за кафез или за товар кој ни е натоварен.
Напротив тоа е зафат полн со љубов преку кој Бог ни доаѓа во пресрет и нè повикува да влеземе во голем проект во кој сака да учествуваме, покажувајќи ни го хоризонтот на широкото море и изобилниот риболов – пишува Светиот Отец во пораката и напомена: Бог не сака нашиот живот да стане затвореник на очигледното, заробен во секојдневните навики и неодлучен во однос на изборите кои би можеле да му ја дадат смислата. Не сака да се помириме со тоа да живееме од ден на ден гаснејќи го внатрешниот немир со барањето на нови патишта за своето патување и мислејќи дека во суштина нема ништо за што би се исплатило ревносно да се ангажираш.
Ако понекогаш доживееме „чудесен риболов“ тоа е затоа што сакаме да откриеме дека секој од нас е повикан на различен начин, на нешто големо и дека животот не би требало да се заплетка во мрежата на бесмислата и на она шт го умртвува срцето – пишува папата Фрањо и истакнува: Накратко повикот е поттик да не застанеме на брегот со мрежите во рацете, туку да Го следиме Исус на патот кој ни го подготвил заради нашата среќа и за доброто на оние кои ни се во близина.
Меѓутоа за да го прифатиме тоа ветување – продолжи Папата, потребна е „храброста за ризик“; да се вклучиш оставајќи како и учениците на езерото сè што нè држи врзани за нашиот мал кораб и не дозволува да го откриеме Божјиот проект. Кога сме поставени пред широкото море не можеме да продолжиме да ги поправаме своите мрежи. Христијанскиот живот кој започнува со крштението се развива со литургијата, молитвата и братското делење и претпоставува љубов кон Црквата Која е мајка, па и кога на нејзиното лице ги гледаме брчките на кревкоста и гревот и на крајот се осмелува да сведочи.
Христијанскиот живот – додава Светиот Отец, се покажува во оние одлуки кои додека даваат прецизна насока на нашата пловидба исто така придонесуваат за раст на Божјото царството во општеството. Тоа се однесува на оние кои се одлучуваат за Венчавка во Христос и градење на семејство, но и за многу звања поврзани со работата, занимањето; работата на полето на милосрдието, солидарноста, општествената одговорност и во сето она што нè прави навестители на доборото, љубовта и правдата, сè до целосниот избор на посветениот живот.
Од средбата со Господ – пишува папата Фрањо, некој може да биде воодушевен од повикот на посветен живот или свештенички ред. Се работи за откритие кое возбудува и истовремено плаши. Некои се чувствуваат повикани да станат „рибари на луѓе“ во коработ на Црквата преку целосното посветување на себе и верното служење на Евангелието и браќата. Тој избор подразбира ризик сè да остават за да Го следат Господ и целосно да Му се посветат на Него и да станат соработници во Неговото дело.
Оние кои чувствуваат внатрешен отпор, кои доживевеаат недостаток на надеж или се соочуваат со неповолните струи на секуларизацијата, каде изгледа дека нема место за Бог и за Евангелието, Папата го предложи примерот на Марија совршен симбол на повикот помеѓу верувањето и ризикот, а посебно на младите им порачува: Нема поголема радост да го ризикуваш животот за Господ. Не бидете глуви за Господовиот повик! Ако Он ве повикува на тој пат, не ги повлекувајте веслата во коработ, туку имајте доверба во Него. Не дозволувајте пред високите врвови, на кои Господ ве повикува да ве обземе стравот кој нè парализира.
Богородичното „да“ било „да“ на оние кои сакале да се вклучат и да ризикуваат, да стават сè на коцка без никаква друга гаранција освен сигурноста дека се носители на ветувањето. За да им помогне на младите во распознавањето на својот повик, Светиот Отец побара обновена ангажиранот на целата Црква, на свештениците, пасторалните аниматори и воспитувачи да понудат прилики за слушање и распознавање. На крајот побара пасторал за млади и за звања кои ќе помогнат во откривањето на Божјиот проект.
Ватикан њуз/к.мк