Папата: Да дозволиме да нѐ обликува Светиот Дух

Папата: Да дозволиме да нѐ обликува Светиот Дух

На Генералната аудиенција која се одржа на 30 мај 2018 година, Светиот Отец продолжи со серијата катехези за светата Тајна Миропомазание.

По завршувањето на катехезата група јужнокорејски спортисти од Федерацијата Таеквондо ги покажаа своите вештини и потоа раширија транспарент на кој пишуваше: Мирот е поскапоцен од победата.

Светиот Дух кој го примаме во светата Тајна Миропомазание е незаслужен дар кој треба да дозволиме да нѐ обликува за да го одразуваме Исус во денешниот свет, истакна папата Фрањо за време на Генералната аудиенција на 30 мај 2018 година, одржана на плоштадот Свети Петар, во Ватикан, продолжувајќи со серијата катехези за светата Тајна Миропомазание. На посебен начин размислуваше за внатрешната врска на таа света Тајна со целата христијанска иницијација (Sacrosanctum Concilium, 71).

Обнова на крштелните ветувања

Светиот Отец потсети дека кандидатите за Миропомазание пред да го примат духовното помазание, кое ја зацврстува и зајакнува крштелната благодат, се повикани на обнова на ветувањата кои на денот на крштението ги дале нивните родители и кумовците. Сега тие самите ја исповедаат верата на Црквата, подготвени да одговорат со „верувам“ на прашањата кои им ги упатува епископот; подготвени посебно да веруваат во Светиот Дух кој е Господ и дава живот, а Кој денес по пат на светата Тајна Миропомазание на посебен начин им се поделува, како што некогаш им бил поделен на апостолите на денот на Педесетница.

Даровите и плодовите на Светиот Дух

Бидејќи слегувањето на Светиот Дух бара сите еднодушно да се во молитва (Дела 1, 14), епископот по тивката молитва на заедницата, издигајќи ги рацете над миропомазаниците, упатува молитва до Бог на нив да го излее својот Свет Дух Бранител – рече Папата и продолжи : Еден е Духот (1Кор 12, 4) но доаѓајќи ни го донесува со себе богатството на даровите: мудрост, разум, совет, сила, знаење, набожност и страв Божји. Според пророкот Исаија, тие се седумте добродетели на Духот кои се излиени на Месијата за да го исполни своето послание (Исаија 11, 2).

И свети Павле го опишува изобилниот плод на Духот кој е љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста. (Гал 5, 22-23) – рече Светиот Отец – Еден Дух распределува бројни дарови кои ја збогатуваат едната Црква: Тој е автор на различноста, но истовремено е Создател на единството. Така Духот ги дава сите тие богатства кои се различни, но на истиот начин создава хармонија, односно единство на сите тие духовни богатства кои ние христијаните ги имаме – рече Папата.

Полагање на раце и помазување со миро

Потоа Папата потсети дека според апостолската традиција, Духот кој ја дополнува крштелната благодат се дава преку полагањето на рацете (Дела 8, 15-17; 19, 5-6: Евреи 6, 2). За подобро да се изрази излевањето на Духот кои ги исполнува оние кои го примаат, кон тој библиски гест набрзо се придодава помазувањето со мирисен елеј, односно миро, кое и на Истокот и на Западот е сочувано сѐ до денешен ден. (ККЦ 1289)

Елејот односно мирото е терапевтска и козметичка супстанција која влегувајќи во телесното ткиво ги лекува раните и го прави телото миризливо – рече папата Фрањо и додаде: Заради тие квалитети е преземено од библиската и литургиската симболика за да се изрази делување на Светиот Дух кој го посветува и исполнува оној кој се крштева, украсувајќи го со харизми. Потоа Светиот Отец го сврте вниманието на важниот обред на оваа света Тајна. Објасни дека светата Тајна се поделува со помазување на челото на мирпомазаникот кој го изведува епископот, помазувајќи ги рацете говорејќи: „Прими го печатот на Светиот Дух.“ Светиот Дух е дар, невидлив дар, а мирото е неговиот видлив печат – рече Светиот Отец.

Примајќи го на челото знакот на крстот со миризливиот елеј, миропомазаникот прима неизбришлив духовен белег, „карактер“ кој совршено со сообразува со Христос и му дава благодат меѓу луѓето да шири „добар мирис“ (2Кор 2, 15) – рече папата Фрањо.

Духот е незаслужен дар

Потоа го сврте вниманието на повикот на свети Амврозиј до новопомазаните: „Сети се дека си примил духовен знак (…) и чувај што си примил. Бог Отецот те обележил со својот знак, Христос Господ те утврди и во твоето срце го стави залогот на Духот“ (De mysteriis 7,42; KKЦ 1303). Духот е незаслужен дар кој треба да го примаме со благодарност, создавајќи место за неговата неисцрпна креативност – рече Светиот Отец и заврши: Тоа е дар кој треба грижливо да го чуваме, да го следиме со послушност, дозволувајќи како восокот да нѐ обликува со неговата огнена љубов за да го одразуваме Исус Христос во денешниот свет (Gaudete et exsultate, 23).

Настап на групата од Федерацијата Таеквондо: Порака на мирот

По катехезата јужнокорејските спортисти од Федерацијата Таеквондо ги покажаа своите вештини. По завршувањето на настапот младите спортисти кои беа облечени во црно и бело, пуштија голуб во воздухот и раширија транспарент на кој пишуваше: „Мирот е поскапоцен од победата.“ Им благодарам на корејските спортисти за нивниот настап кои покажаа желби за мир – рече Папата додавајќи дека то било порака на мирот за целото човештво.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот