Во човечката историја секогаш имало отпор на Светиот Дух, противење на новостите и промените – истакна папата Фрањо за време на светата Литургија која ја служеше во домот света Марта, на 24 април 2018 година.
Папата во својата проповед се фокусираше на литургиските читања од денот, размислувајќи за различните ставови кои човекот може да ги зазема кон Господовата новост, која секогаш ни доаѓа во пресрет со нешто нови и изворно.
Зборувајќи за тесноградноста на закониците кои ги среќаваме во 10 глава од Евангелието според Иван, Светиот Отец објасни дека нивното одржување на законот станало крутост. Бидејќи се поставиле во центарот, останале неподвижни пред делата кои ги правел Светиот Дух и нечувствителни на новостите. Папата на посебен начин ја истакна нивната целосна неспособност да размислуваат за знаците на времето, нивното робување на зборовите и делата.
Секогаш се враќаат на истото прашање – продолжи Светиот Отец. Едноставно не биле во состојба да излезат од тој свој затворен свет; тие се робoви на идеите. Го примиле законот кој бил живот, но го „дестилирале,“ го претвориле во идеологија. На тој начин одат наоколу и не биле во состојба да излезат надвор, а секоја новост во својот живот ја гледат како опасност – предупреди папата Фрањо.
Ставот на синовите и ќерките Божји пак треба да биде сосема поинаков. Иако можеби на почетокот имале одредени противења на Божјата волја, слободни се и способни во центарот да го постават Светиот Дух – рече Папата наведувајќи го потоа примерот на првите ученици, за кое раскажува првото читање од Делата Апостолски (11, 19-26). Во тоа читање се покажува нивната послушност на новото и ставот на сеењето на Словото Божјо, па и покрај вообичаените шеми „така било секогаш“. Останале послушни на Светиот Дух за да оставарат нешто што било повеќе од револуција, повеќе од силна промена, а во центарот бил Светиот Дух: не законот, туку Светиот Дух – истакна Светиот Отец.
Тогашната Црква била Црква во движење, Црква која одела над себе – продолжи Папата – Таа не била затворена група на избрани, туку мисионерска Црква. Всушност, рамнотежата на Црквата се состои, токму во подвижноста, во верноста на Светиот Дух. Некој еднаш ја споредил рамнотежата на Црквата со балансирањето на велосипедот. (Велосипедот) останува стабилен додека се движи, но кога ништо не се прави при возење, тогаш паѓа. Тоа е добар пример – рече папата Фрањо.
Затворањето и отворањето се два спротивставени полови, но кои покажуваат како луѓето можат да се однесуваат кон Светиот Дух. Отворањето било својствено за учениците – истакна Папата – дури и тогаш кога од почетокот имале одредени противења. Папата Фрањо предупреди дека тоа противење не е само човечко, туку дури било гаранција дека нема да дозволи да ги залаже било што, а потоа со помош на молитвата и размислувањето го пронаоѓале пат.
Секогаш ќе постојат противења на Светиот Дух, сѐ до крајот на светот. Нека Господ ни даде милост да знаеме да се противиме на она што доаѓа од злото и што ја одзема нашата слобода, а од друга страна, да знаеме да се отвориме за новостите, но само за оние кои доаѓаат од Бог, со силата на Светиот Дух – истакна Светиот Отец и заврши: Нека исто така ни ја даде милоста за размислување на знаците на времето за да донесуваме одлуки кои треба да се донесат во одреден момент.
РВ/к.мк