На средбата со претставниците на Институтот Серафико од Асизи по повод 150 годишнината од основањето, Папата ја повтори важноста на човечкиот живот, посебно животот на лицата со посебни потреби. Целта на цивилизацијата, за папата Фрањо, е сите, вклучувајќи ја и политиката, да се грижат за овие луѓе; тоа не е еднонасочен гест, туку размена на дарови.
Секој човек е скапоцен, има вредност која не зависи од тоа што поседува или од неговите способности, туку од едноставниот факт дека тој е личност, образ Божји – рече папата Фрањо во говорот пред претставниците на Институтот Серафико од Асизи, црковна непрофитна организација која промовира и спроведува рехабилитациони, психообразовни и социјални здравствени услуги за деца и млади луѓе со физички, ментални и сетилни тешкотии, која оваа година слави 150. години од основањето. Во салата Павле VI. се собраа претставници на децата на кои им помага споменатата институцијата, нивните родители, персоналот, волонтерите, поддржувачите, оците Рогационисти кои раководеа со ова дело повеќе од 40 години, сестрите Фрањевки од света Елисавета односно „Сивите сестри“, монс. Доменико Сорентино, бискуп од Асизи и Фрањевците од Светиот манастир.
Спомнувајќи се на неговата посета на таа установа во октомври 2013 година и нејзиниот основач свети Лудовик да Касорија, кој, инспириран од вниманието на свети Фрањо кон болните и маргинализираните, основал установа за слепи и глувонеми, Папата истакна дека инвалидитетот или болеста го отежнува животот, но тој не е ништо помалку достоен за живот и тоа во потполност. Важно е на лицето со попреченост да гледаме како на еден од нас, на личност која треба да биде во центарот на нашето внимание и грижа, и во центарот на вниманието на сите, како и политиката. Тоа е целта на цивилизацијата. Со усвојување на овој принцип забележуваме дека лицето со попреченост не само што добива ,туку и дава – истакна Папата. Грижата за нив не е еднонасочен гест, туку размена на дарови.
Според Папата, овој принцип важи за сите, бидејќи е впишан во совеста поради што го чувствуваме нашето заедништво со сите човечки суштества. Ова е „братската врска“ за која зборува папата Фрањо во енцикликата Fratelli tutti, која ја потпиша во Асизи. Затоа, неопходно е сите да бидат целосно свесни за овој принцип и како резултат да изготват заклучоци, дури и кога станува збор за распределба на заедничкото богатство, за да не се случи да им се ускрати на оние на кои им е најпотребна помош.
Папата се осврна и на голем број други структури кои обезбедуваат услуги, како оние што ги нуди Серафико од Асизи, кои понекогаш се борат да преживеат или да ги направат своите услуги што е можно поефективни и за кои е потребна солидарност од многу луѓе. Сепак, државата и јавната администрација треба да го направат својот дел од работата. Многу семејства не можат да бидат оставени сами на себе, принудени се да борат за одржување на децата со попреченост, во голема грижа за иднината што ги чека кога веќе нема да можат да ги придружуваат – предупреди Светиот Отец.
Нагласувајќи ја потоа посебната врска што се воспоставува со родителите на децата згрижени во Институтот Серафико, Папата истакна дека услугите на оваа установа не се ограничени само на стручна помош, туку на сите им дава персонализирано, грижливо и пријателско внимание. Тоа е така затоа што логиката на Серафико е љубов – објасни тој – онаа што се учи од Евангелието, во училиштето на Свети Фрањо и Свети Лудовик. Љубов што може да чита во очите и во гестовите, која ги прифаќа желби, не попушта заради напорот, наоѓа сила да започне секој ден одново и се радува на секој, дури и мал напредок на личноста на која и помага.
Папата потоа ја спомна општествено-политичката школа основана во Институтот, со цел да го поттикне општеството да започне да размислува од последните и го истакна успешно вклучување во иницијативата „Економијата на Фрањо“, придонесувајќи за економско закрепнување во праведност и солидарност. На крајот, папата Фрањо ги охрабри сите кои работат во Институтот Серафико во Асизи да продолжат да ги следат стапките на светците, посакувајќи нивната работа секогаш да ја вкусува радоста на посланието.
Ватикан њуз/к.мк