Папата го осуди насилството во името на Бог

Богот на кој се стремиме да Му служиме е Бог на мирот. Неговото свето име не треба да биде искористено за оправдување на омразата и насилството“.

Ова беше предупредувањето на папата Фрањо во говорот пред претставниците на различни христијански конфесии и други религии со кои се сретна во четвртокот наутро, 26 ноември во Апостолската нунцијатура во Најроби. Оваа прва средба од интензивната програма на Папата беше погоден повод да се истакне уште еднаш пред христијаните, англиканците и муслиманите, дека религијата не може да биде оправдување за тероризмот.

„Знам дека сѐ уште е жив споменот за тешките напади кои ја окрвавеа земјата во последните три години, особено варварскиот напад на Универзитетот Гариса и колеџот Мандера“, истакна Папата. „Многу често младите се подготвувани за екстремисти во името на религијата, за да сеат раздор и страв и ги повредат нашите општества. Колку е важно да бидеме признати како пророци и работници на мирот кои ги повикуваат другите да живеат во мир, хармонија и взаемен респект! Семоќниот Бог да допре до срцата на оние кои го користат насилството и им го даде својот мир на нашите семејства и заедници“.

„Мојата надеж е дека времето поминато заедно може да биде знак на почитување на Црквата кон следбениците на другите религии и на зајакнување на постојните пријателски врски“, додаде папата Фрањо.

„Нашите односи нѐ ставаат подеднакво пред предизвици и прашања. Сепак, екуменскиот и меѓурелигискиот дијалог не е луксуз. Не е нешто екстра или опција, туку нешто суштинско што му треба на овој повреден и поделен свет“.

Папата истакна дека религиите се извор на светлина, мудрост и солидарност со што ги збогатуваат општествата во кои живееме: „Негувајќи го духовното напредување на нашите општества и формирајќи ги умовите и срцата во вистината и вредностите на нашите религии, стануваме благослов за луѓето. Во едно демократско и плуралистичко општество, како што е денешново, соработката помеѓу верските лидери и нивните општества станува важна служба за општото добро“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот