Во обраќањето на настанот на високо ниво на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за животната средина и човековите права, римскиот бискуп рече дека покрај заштитата на правото на секој за достоинствен живот и развој, мора да се потсетиме и на „одговорноста, која ја носиме пред идните генерации, и за светот што сакаме да го оставиме на нашите деца и на нашите млади“.
Папата Фрањо испрати порака до учесниците на настанот на високо ниво на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на тема „Животната средина и човековите права: Право на безбедна, здрава и одржлива животна средина“, што се одржа во среда, 29 септември 2021 година во Стразбур. Тој истакна дека како набљудувач во Советот на Европа, Светиот Престол со посебно внимание и интерес ги следи нејзините активности во областа на заштитата на животната средина.
Не само Европа, туку целиот свет
Светиот Отец нагласи дека овој настан исто така може да даде значаен придонес за Конференцијата на ОН за климата (COP26) во Глазгов, закажана за ноември оваа година, бидејќи „секоја иницијатива на Советот на Европа не треба да биде ограничена само на географската област на континентот, но од нашата мила Европа, може да се покрие целиот свет“. Во овој контекст, тој додаде дека Светиот Престол со интерес ја чека одлуката на Советот на Европа „да создаде нов правен инструмент што ги поврзува еколошките грижи со почитувањето на основните човекови права“. „Нема повеќе време за чекање“, додаде Папата. Секој инструмент што ги почитува човековите права и принципите на демократијата и владеењето на правото, основните вредности на Советот на Европа, може да биде корисен во справувањето со овој глобален предизвик“.
Консумирајте го она што е неопходно
Римскиот бискуп истакна дека никој не може да го одрече основното право на секој за достоинствен живот и целосен развој и дека заедницата мора да обезбеди почитување на ова право. Наместо тоа, кога човекот се смета себеси за владетел на универзумот, а не одговорен владетел, тој ја оправдува секоја екстраваганција и ги третира другите луѓе и природата како едноставни предмети.
Светиот Отец потсети на древната мудрост: „Треба да јадеш за да живееш, а не да живееш за да јадеш“. „Потребно е да се консумира за да се живее, а не да се живее за да се консумира“, додаде тој, парафразирајќи ја оваа поговорка. И, пред сѐ никогаш не смеете неконтролирано да консумирате, како што се случува денес. Секој мора да го искористи од земјата она што му е потребно за сопственото постоење“.
Не размислувајте само за правата, туку и за одговорностите
Папата Фрањо ја истакна потребата да се промени курсот и да се преиспитаат односите на луѓето со себе, со другите, со општеството, со созданието и со Бога. Тој додаде дека оваа еколошка криза, која е дел од сложената социо-еколошка криза, поттикнува интердисциплинарен и оперативен дијалог на сите нивоа, од локално до меѓународно, како и индивидуална и колективна одговорност. Затоа, според него, исто така е неопходно да се зборува за одговорностите на секој човек кој сака да живее во здрава и одржлива средина. „Затоа што кога зборуваме само за права“, објасни тој, „ние размислуваме само за она што ни припаѓа. Ние, исто така, мора да размислуваме и за одговорноста што ја имаме за идните генерации и светот кој сакаме да го оставиме на нашите деца и на нашите млади.“