Папата ги охрабри војниците кои ги штитат улиците на Рим: Помогнете им на луѓето да бидат добри граѓани
„Секогаш кога излегувам и влегувам во Ватикан, по повод апостолски патувања, посети на парохија или заедница, ве гледам и му благодарам на Бога за посветеноста и присутноста. Со овие зборови Папата ја охрабри бригадата „„Сардски гренадири“, која им припаѓа на италијанските вооружени сили и ги штити улиците на Рим. Папата ја изрази својата желба да бидат промотори на солидарноста – и на работното место и во личниот и општествениот живот – помагајќи им на луѓето да бидат добри граѓани.
Вклучена во акцијата „Безбедни патишта“,бригадата „Сардски гренадири“ ги надгледува чувствителните области, како што се институционалните и дипломатските локации, аеродромите, железничките и подземните станици, уметничките места и местата за богослужба. Меѓу нив е и областа околу Ватикан, каде помага за одржување на јавниот ред. Станува збор за долгогодишна акција, која предвидува можност за вработување во вооружените сили за посебни и исклучителни потреби за спречување на криминалот во урбаните или густо населените области на Италија.
Припадниците на бригадата добија пофалби за нивната работа од Светиот Отец, кој им порача дека нивната дискретна и важна служба, секојдневното присуство, промовира чувство на мир кај жителите.
Тоа е активност која бара достапност, трпение, дух на пожртвуваност и чувство на должност, истакна Папата. Иако таквата работа може да биде малку исцрпувачка, таа е многу корисна за заедницата која им е благодарна и која ги цени, нагласи Светиот Отец.
Тоа е она што ги обврзува секојдневно да одговарат за почитта и довербата што луѓето им ја даваат. Професионализмот и чувството за одговорност со кои сведочат на терен го изразуваат и зајакнуваат чувството на припадност кон општествено тело, но и чувството за државно и општото добро, рече Папата.
„Исполнувањето на вашето послание секогаш нека биде придружено со свесност дека секој човек е сакан од Бога, дека тој е негово создание и дека како таков заслужува почит.“
Нека милоста Господова го храни духот со кој се посветувате на вашата работа од ден на ден, мотивирајќи ве да ја живеете со дополнителна грижа и посветеност, поттикна папата Фрањо.
Светиот Отец коментираше и за тоа како во последниве години употребата на припадниците на италијанската армија во урбани контексти стана жива и сигурна реалност, која се карактеризира со близина со луѓето, соработка во спречување и борба против криминалот и поддршката во активности во посебни ситуации.
Различни одделенија меѓусебно се наследуваа во таа служба, а токму оваа бригада ја привршува својата служба и ќе отстапи место на друга единица. Папата уште еднаш изрази благодарност, нагласувајќи дека се надева оти нивниот престој во Рим е позитивно искуство како за професионалниот, така и за човечкиот раст и „исплатливо“ време во поглед на духовноста.
Ватикан њуз/к.мк