Папата Лав XIV ги охрабри бенедиктинските монаси и монахињи од целиот свет да ги продлабочуваат своите корени во Христос и да продолжат да сведочат преку молитва и заедништво.
Папата Лав XIV во сабота, 12 септември 2026 година, им се обрати на учесниците на симпозиумот на Communio Internationalis Benedictinarum (CIB), заблагодарувајќи им се за нивната молитва, за „скромното и тивко присуство“ и за „секојдневната и скриена жртва“ на нивниот живот.
Основана во 2001 година, CIB ги обединува претежно женските конгрегации што припаѓаат на бенедиктинското семејство. Околу 13.000 монахињи низ светот го следат правилото на свети Бенедикт.
Сведоштво за заедништво
Откако го поздрави и присуството на неколку мажи, папата Лав XIV ја опиша работата на CIB како дел од постојаниот пат на заедништво и координација во рамките на бенедиктинското семејство.
Тој ја нагласи важноста на „духовна синодалност“, во која единственоста на секоја личност станува „богатство за сите“.
Потсетувајќи на зборовите на папата Фрањо за бенедиктинското „срце проширено од неискажливата сладост на љубовта“, папата Лав XIV рече дека длабоката вкоренетост во Христос им овозможува на бенедиктинските заедници да донесуваат изобилен евангелски плод.
Осврнувајќи се на своите неодамнешни посети на бенедиктинските светилишта во Субијако и Монтекасино, Папата рече дека бенедиктинската традиција потсетува на евангелската слика во која „од мало семе израснало големо дрво“.
Тој ги опиша напорите на бенедиктинците низ светот да останат вкоренети во Христос и да бидат „Негово живо и молитвено сведоштво“ како „голем знак и пророчки дар“, особено во време обележано со „жед за автентичен живот, заедништво и мир“.
Молитва и формација
Папата Лав XIV се осврна и на описот на свети Павле VI за бенедиктинскиот живот како спој на молитва, учење и работа, кој помогнал во ширењето на „цивилизацијата и духовните вредности“ и во негувањето единство меѓу народите.
Тој ги поздрави напорите на CIB да обезбеди нови можности за формација на жените во бенедиктинското семејство, вклучително и преку дигитални алатки.
На крајот од своето обраќање, Папата им се заблагодари на учесниците за нивната молитва и за скриената жртва на нивниот живот, како и за нивниот придонес во духовното водство, теолошкото размислување и заедничкиот живот.
Тој ги охрабри да продолжат со својата посветена заложба за заедништво.
Ватикан њуз/к.мк

