Папата во Турција за помирување со православието и прогонот на христијаните

Папата Фрањо викендов ќе ја посети Турција каде планира да продолжи со поттикнувањето на помирување со Православната Црква, да поттикне дијалог со исламот и да им внесе надеж на загрозените христијански малцинства на Блискиот Исток.

Зајакнување на врските со Православната Црква ќе биде централна тема за време на посетата на Турција.

„Ние не сме различни религии. Ние сме браќа кои се возрасни и раздвоени. Но и двајцата го следеле истиот пат одреден од Господ“, рече цариградскиот екуменски патријарх Вартоломеј во интервјуто за католичкиот неделник „Famiglia Cristiana“, во пресрет на посетата на Папата.

За помирување треба труд, трпение и љубов

Папата е апсолутен поглавар на Католичката Црква, но помирувањето го отежнува фактот што Вартоломеј е само симболичен поглавар на православниот свет и не може да ја наметне својата волја над поглаварите на другите автокефални православни цркви.

Напорите за помирување меѓу двете цркви започнаа во 1964 година, кога папата Павле VI се сретна во Ерусалим со патријархот Атенагора и кога тие двајцата ги повлекоа меѓусебните анатеми. Тоа беше прва средба меѓу поглаварите на двете цркви од повеќе од пола милениум. Оваа година на истото место Фрањо и Вартоломеј обележаа педесет годишнина од тој историски настан.

Цариградскиот патријарх истакна дека за завршување на тој процес треба труд, трпение, молитва, взаемна љубов, почитување и дух на прифаќање.

Скромниот папа Фрањо кој проповеда против расипништвото, посетата ќе ја започне во петок 28 ноември во Анкара, каде турскиот претседател Реџеп Ердоган ќе го пречека во својата претседателска палата, а потоа Папата ќе го посети и маузолејот на основачот на модерна Турција, Кемал Ататурк.

Папата во Истанбул ќе пристигне во сабота и тој ден ќе ја посети црквата Света Софија, некогаш најголемата црква во христијанскиот свет, потоа, претворена во џамија по османслиското освојување на Цариград 1453, а сега е музеј од 1935 година.

Ќе ја посети и џамијата на султанот Ахмет, позната како Сина џамија и ќе служи света Миса во истанбулската катедрала, каде ќе се сретне со претставници  на малобројната христијански заедници.

Блискиот Исток неможе да се замисли без христијани

Ватиканскиот портпарол, отец Федерико Ломбарди рече дека Папата, најверојатно, ќе се сретне и со бегалците христијанските од Ирак, бидејќи плановите да ги посети преку границата во курдските делови на Ирак пропаднаа поради безбедносни причини.

Бројот на христијаните на Блискиот Исток се намалува, но денес доаѓа до масовен егзодус на христијаните од Ирак и Сирија поради напредувањето на екстремистите на Исламската држава. „Не можеме да го замислиме Блискиот исток без христијани“, истакнува папата Фрањо.

Патријархот на Калдејската Католичка Црква во Ирак, Луис Рафаел Сако ги спореди нападите на Исламската држава врз христијаните и језидското малцинство во Ирак со нацистичкиот прогон врз евреите. „Тие барбарски дела кои ќе бидат дамка во човечката историја, ги поттикнуваат организации и идеологии слични со нацистичките и другите тоталитарни политички филозофии“, рече Сако.

Долгогодишниот американски дописник од Ватикан, Џон Ален вели дека загрозените блискоисточни христијани бараат зборови на утеха. „Клучно е прашањето, пред посетата на Папата, дали по неговото заминување, христијаните ќе почувствуваат дека се во подобра позиција од таа што ја имале претходно“, напиша Ален на порталот „Crux Catholic“. Папата Фрањо посетата ќе ја искористи и за поттикнување на дијалогот со исламот.

Во неделата, Папата ќе го придружува Вартоломеј на прославата на свети Андреј, светецот, заштитник на православието.

„Се радувам на таа средба и очекувам многу“, рече Волфганг Тенисен од Институтот за екуменизам од германскиот град Падерборн. „Голема е неговата симболична вредност“, истакна тој. (…)

Турција е шесто патување на папата Фрањо за време на неговиот понтификат, после Бразил, Светата Земја, Јужна Кореја, Албанија и Стразбург.

Лаудато/В.Н.

Категорија: Свет

За авторот