Папата во порака до извидниците од Европа: Не плашете се да ги штитите христијанските вредности

Молете за мир во Европа, не плашете се да ги штитите христијанските вредности – е повикот на папата Фрањо кој го упати во порака до европските извидници по повод нивната Четврта меѓународна средба. На средбата која што се одржува во Нормандија до 10 август се собраа 12.000 млади од 20 земји, и тоа 100 години од почетокот на Првата светска војна и 70 години по историското истоварување.

За да се запознае Исус потребно е да се појде на пат, а потоа патем се открива дека Бог дава да Го сретнеш на различни начини: преку убавината на своите созданија, кога љубовта делува во нашиот живот и во братските односи со ближните и во служењето на нив. Со тие зборови папата Фрањо во својата порака им доверува на европските извидници важна задача, по патеката на трите работи на кои што предупреди во Рио де Жанаиро, а кои се важни за одговарање на Исусовиот повик: одете, без страв, за да служите. Сите ги поттикнува зајакнати од средбата со Бог во светите Тајни и поддржани од Неговата љубов која ги отстранува сите стравови, да се упатат на навестување на Неговата љубов сѐ до крајните делови на планетата и да им служат на ближните во најоддалечените периферии.

Бројни се генерациите – рече Папата – кои својот развој на патот на светоста, практикувањето на крепостите и посебно големината на душата, треба да им ја заблагодарат на извидничката педагогија. Поради тоа, по повод 100 годишнината од почетокот на Првата светска војна, папата Фрањо ги повикува да молат за обединета и мирна Европа, бидејќи – како што истакна – вие сте вистинските протагонисти во овој свет, а не само гледачи! Потоа ги охрабри да не се плашат да се соочат со предизвиците за да ги сочуваат христијанските вредности, а посебно заштитата на животот, развојот, достоинството на човекот, сузбивањето на сиромаштијата и многу други со кои треба да се соочуваме секој ден. Во секој момент, кога вашиот пат ќе биде тежок ќе ви помогнат љубовта и поддршката на Црквата која е мајка и која сте повикани да ја сакате и да ѝ служите со радост и великодушност, својствени на младоста – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот