Постојат два патишта: патот на вистинското единство кој сака да нѐ води до Исус и патот на лажното единство на кој се озборува, осудува и разделува. За тие два патишта зборуваше папата Фрањо за време на светата Литургија во домот Света Марта, на 17 март 2018 година.
Првиот пат е оној за кој зборува Исус во 17 глава од Евангелието според Иван, односно за единството кое го има со Отецот и во кое исто така сака да нѐ воведе и нас. Тоа е единството на спасението, кое го создава Црквата, единството кое оди кон вечноста. Кога ние во животот, во Црквата или во граѓанското општество работиме за единството, тогаш се наоѓаме на патот кој го зацртал Исус – рече Светиот Отец во својата утринска проповед во домот Света Марта.
Лажното единство разделува
Но овде е и лажното единство: на пример, лажното единство на кое наидуваме во денешното прво читање (Дела 22, 30; 23, 6-11). Од почетокот се претставуваат како една група за да го обвинат. Меѓутоа свети Павле бил „итар“ односно ја поседувал човечката мудрост како и мудроста на Светиот Дух, и меѓу нив фрлил „камен на разделувањето“ зборувајќи дека „за надеж, и за воскресение на мртвите ме судат!“ Едното крило на тоа лажно единство биле всушност садукеите кои тврделе дека „нема воскресение, ниту ангел, ниту дух,“ додека фарисеите тоа го признавале. Така на свети Павле му успеало да го уништи нивното лажно единство кое не било цврсто: го уништило расправата и неговите обвинители биле поделени.
Од народ до анонимна толпа
Во другите прогони кои ги претрпел свети Павле гледаме народ кој вика, а не знае што рекол, а „началниците“ се оние кои им предлагаат на луѓето што треба да викaат. Таквото искористување на народот исто така претставува презирање на истиот затоа што од народ се претвора во толпа – предупреди папата Фрањо и продолжи: Тоа е елемент кој се повторува многу пати од првите времиња до денес. Да размислиме за тоа. На Цветници сите воскликнуваат: „Благословен е кој доаѓа во името Господово,“ а наредниот петок тие исти луѓе викале: „Распни го.“ Што се случило? – праша Папата и одговори: Му го испрале мозокот и ги промениле работите. Народот го претвориле во толпа која уништува.
Се озборува за да се осуди
Се создаваат мрачни околности за да се осуди личноста, а потоа тоа (лажно) единство се распаѓа – објасни Светиот Отец. Станува збор за метода според која Исус, свети Павле, свети Стефан и сите маченици биле прогонети, а нашироко се користи и денес. На пример во граѓанскиот или во политичкиот живот кога сака да се направи државен удар: медиумите започнуваат да зборуваат лошо за луѓето, за раководителите и по пат на клевета ги валкаат. Потоа доаѓа правдата, ги осудува, а на крајот се прави државен удар. Прогон кој можел да се види и кога народот во римските стадиони викал за да ја види борбата помеѓу мачениците и дивите ѕверови или гладијаторите.
Озборувањето е став на убијците
Една алка во синџирот за да дојде до осуда е тоа опкружување од лажното единство – нагласи папата Фрањо. А истото макар во помал размер се случува во нашите парохиски заедници кога на пример двајца или тројца започнуваат да го критикуваат другиот. Започнуваат да го озборуваат и создаваат лажно единство за да го осудат. Се чувствуваат сигурни и го осудуваат. Го осудуваат во мислите, станува збор за став. Потоа се разделуваат и се озборуваат еден со друг затоа што се поделени. Од таа причина озборувањето е став на убијците затоа што убиваат, ги уништуваат луѓето, го уништуваат угледот на луѓето.
Да се оди по патот на вистинското единство
Озборувањето е она што било употребено против Исуса: за да му се уништи угледот, а кога еднаш бил дискредитиран, го убиле.
Да размислиме за својот голем повик: единството со Исус, со Отецот – продолжи Папата. И по тој пат мораме да одиме, мажи и жени кои се обединуваат и секогаш настојуваат да напредуваат на патот на единството. Не лажно единство без суштина и кое само служи за да се направи чекор повеќе и за да се осудат луѓето и да се остварат интереси кои не се наши: тие се интереси на кнезот на овој свет, кои се уништувањето. Нека Господ ни даде милост секогаш да одиме по патот на вистинското единство – заврши Светиот Отец.
РВ/к.мк